Началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили генерал-мајор Мохамад Багери денеска ги отфрли повиците на Вашингтон кон Техеран да го намали влијанието на Блискиот исток.
Генерал-мајорот рече дека Иран нема да бара дозвола од која било земја за да ги развива своите одбранбени способности.
– Иранските вооружени сили сега, благодарение на Бог, се подобро подготвени од кога и да било претходно и нема да чекаат дозвола или одобрение од која и да било сила за да ги развиваат своите одбранбени способности- изјави Багери.
Началникот на иранскиот Генералштаб ги нарече американските лидери „измамнички, сурови, криминални, изолирани, лути, корумпирани и платени од ционистичкиот режим луѓе”.
– САД немаат храброст да влезат во воена конфронтација со Иран, убеден е генерал-мајорот.
Истовремено, иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф оцени дека изјавите на американскиот државен секретар Мајк Помпео за Иран се „невистинити” и се базираат на „стари илузии”.
– Вашингтон стана заложник на лоби групите- изјави Зариф во интервју за државната телевизија на Иран.
Пред два дена Помпео рече дека САД ќе воведат санкции на Иран, ако земјата не го намали регионалното и военото влијание.
Американскиот државен секретар го обвини Техеран дека поддржува вооружени групи во земји како Сирија, Либан и Јемен.
Зариф денеска изјави дека Помпео ги повторил старите обвинувања против Иран „само со посилен и поциничен тон”.