Светската здравствена организација (СЗО) е цел на сериозни обвинувања за сексуално насилство од страна на нејзини вработени врз десетици жени во Демократска Република Конго, а комисијата што го истражува случајот ги осуди за структурни пропусти и за индивидуална негрижа, пренесуваат агенциите.
Сексуалната злоупотреба била извршена од членови на персоналот, домашни соработници, како и меѓународни членови на тимови задолжени за борба против епидемијата на ебола што го погоди Конго меѓу 2018 и 2020 година, велат истражителите, кои анкетирале десетици жени на кои им била понудена работа во замена за сексуален однос.
Комисијата утврдила распространетост на случаи на сексуална злоупотреба и експлоатација за време на борбата против десеттиот бран на ебола, со што била зголемена ранливоста на наводните жртви што не ја добиле потребната помош.
„Првото нешто што сакам да им го кажам на жртвите и преживеаните е дека ми е жал. Жал ми е за сѐ што претрпевте од луѓе вработени во СЗО и кои требаше да бидат на ваша услуга и да ве заштитат“, рече директорот на СЗО најавувајќи строга казна за одговорните.