Премиерката во заминување, Тереза Меј, свика вонредна владина седница на која ќе се дискутира за реакцијата што треба да се испрати до Иран по запленувањето на танкерот со нафта под британско знаме во Ормутскиот Теснец.
Британските медиуми пренесуваат дека министерот за надворешни работи, Џереми Хант, по седницата планира да го информира Парламентот за запленувањето на танкерот „Стена Имперо“ и неговиот екипаж од 23 луѓе, кои сега се во иранско пристаниште.
Иран објави нов видео материјал со бродот и соопшти дека екипажот е безбеден.
Велика Британија се обрати до Советот за безбедност на ОН, наведувајќи дека заплената на танкерот од страна на иранските сили во Персискиот Залив е непријателски акт, притоа отфрлајќи го објаснувањето на Техеран дека танкерот бил запленет бидејќи учествувал во несреќа со ирански рибарски брод.