Меѓународната организација за миграција соопшти денеска дека оваа година во Шпанија по морски пат пристигнале повеќе мигранти и бегалци отколку во Италија.
Во Шпанија до 15 јули пристигнале 18.016 мигранти, додека во истиот период на територијата на Италија пристигнале 17.827 луѓе, се наведува во соопштението на Агенцијата за миграција на ОН.
Хуманитерните групи пријавиле пораст на бројот на преминувања во Шпанија и Грција во споредба со претходната година, додека бројот на пристигнати во Италија опаднал за речиси 80 отсто од 2017 година.
Вкупниот број на мигранти и бегалци кои оваа година влегле во Европа преку море изнесува 50.872, додека до средината на јули 2017 година, тој број изнесуваше 109.746, а во истиот период во 2016 година- 241.859.
Меѓународната организација за миграција наведува дека 1.443 лица загинали или исчезнале во Средоземното Море од почетокот на оваа година.