Во последните месеци беа откриени повеќе шпионски афери за прислушување, а некои од нив биле направени и од „пријателски“ земји и сојузници
Големите светски сили во последните години сѐ повеќе внимание посветуваат на развивање на ресурсите за сајбер-војувањето и на другите компјутерски мрежи. Апсењето шестмина бугарски државјани на почетокот на годинава, кои беа обвинети за шпионирање во корист на Русија, е само една „епизода“ од постојаната игра меѓу големите разузнавачки сили во светот. Меѓу уапсените се неколкумина високи функционери на Министерството за одбрана на Бугарија и еден поранешен разузнавач во бугарската служба. Во друг одвоен случај беше обелоденета шпионската афера поврзана со американската Национална агенција за безбедност (НСА), која прислушувала дански набљудувачки интернет-кабли за да ги следи комуникациите на политичари и високопозиционирани функционери во Германија, Шведска, Норвешка и Франција.
Данскиот јавен радиодифузер „Данско радио“ (ДР) пред неколку месеци објави информацијата за тоа дека НСА го направила ова преку искористување на надзорната соработка со данската воена разузнавачка служба – ФЕ. Германската канцеларка Ангела Меркел, тогашниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и тогашниот опозициски лидер Пјер Штајнбрук се меѓу политичарите што биле шпионирани од САД.
Во меѓувреме, 16 светски познати редакции објавија истражување дека над 50.000 телефонски броеви од над 45 држави во светот биле на листа за шпионирање со израелскиот софтвер „Пегаз“. Софтверот тајно влегува во телефонскиот уред и со него може незабележано да се преземе контрола над паметен телефонски апарат. Голем дел од телефонските броеви не им припаѓаат на криминалци и луѓе што се закана за општеството, туку на политичари, бизнисмени, новинари, верски лица, адвокати, вработени во невладини организации. Притоа се откриени 10 корисници на софтверот. Од Европа, единствен „клиент“ е Унгарија. Меѓународниот истражувачки конзорциум успеал да идентификува барем десет влади што внесувале броеви во системот. Тоа се: Азербејџан, Бахреин, Казахстан, Мексико, Мароко, Руанда, Саудиска Арабија, Унгарија, Индија и Обединетите Арапски Емирати. Израелската компанија НСО, која го прави софтверот, демантира дека тој се користел за други потреби, освен за следење криминалци и терористи.
Во бугарскиот случај, групата била следена подолго време, а лицата користеле апликации за сигурно и шифрирано допишување, а имале и по неколку паметни телефони, но често се движеле без електронски апарати. „Ал џезира“ пишува за неколку други шпионски афери што се поврзани со бугарски државјани, кои се занимавале со разузнавачки активности во корист на Русија. Познато е дека за време на Студената војна, Бугарија како дел од Источниот блок, беше најлојален сојузник на Советскиот Сојуз и продолжена рака на руската служба КГБ.
Во поново време, Русија е доста активна во дигиталниот онлајн свет, а руските сајбер-напади стануваат сѐ почести, што е причина и за нарушените односи меѓу Москва и Вашингтон, како и во односите со Европската Унија. Еден од видовите хибридно војување, кое се користи од Русија, е користењето на комерцијалните компании за обезбедување или неформалните групи и „здруженија на граѓани“ во трети земји за постигнување на воено-политичките цели. Ова е особено развиено во Сирија, во областа Доњецк и во Украина. Овие активности се комбинирани и со економските мерки за поддршка на разни политички групации, невладини и верски организации.
Русија има и посебна единица за „државни хакери“ под називот АПТ28. Самите руски хакери и оперативци при извршување на некои сајбер-напади се потпишуваат како „Фенси беар група“, која е специјализирана за напади на компјутерските мрежи на владите и воените организации. Се проценува дека оваа група има околу 1.500 припадници. Нивните активности се насочени кон регуларната власт во Киев, а извршен е и најголемиот сајбер-напад, кога од неколку локации од Украина и од Русија, за неколку часа биле соборени повеќе од 14.000 веб-страници, нападнати биле и 1.200 компании, како и персоналните компјутери на поединци.
На овој напад биле изложени речиси 80 отсто од интернет-инфраструктурата во Украина. Траги на апликацијата, која била користена во овој упад во Украина, се пронајдени и во информатичките системи во Германија, Италија, Полска и Франција, пишува „Ал џезира“.
Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски работи, вели дека руското влијание на Балканот е многу поголемо од тоа што може да се види преку економските врски, а тие се посилни преку неформалните влијанија преку индивидуалните релации.
– Не треба да се занемари романтичарскиот поглед на „руското братство“. Русија, која е послаба од другите светски сили, сака да ги заштити своите економски, политички и безбедносни интереси, преку влијанието на политичките, културни и верски елити – објаснува Бешири.
Во американските медиуми беше објавена информација за постоење на групата „Вагнер“, за која официјална Русија негира дека има врски со овие „сајбер-војници“, кои беа откриени при проверката на податоците во еден изгубен таблет во Либија. Безбедносните стручњаци сметаат дека во групата има најмалку 50 врвни хакери, со познавање на сите компјутерски системи. Првпат припадниците на групата биле забележани во борбите во Украина во 2014 година, по руската анексија на Крим.
Пред неколку дена, во Германија е уапсен британски државјанин, вработен во британската амбасада во Берлин, поради шпионирање во корист на Русија. Тој е осомничен за две дела за предавање доверливи документи на неименувани руски разузнавачки служби. Веднаш реагираше германскиот министер за надворешни работи Хеико Маас, кој изјави дека е неприфатливо шпионирање од блиските сојузници на германска почва, пренесе „Ал џезира“.