Гласовите на избирачите (електори) од сојузните американски држави треба да ја заверат победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Низ овој процес денеска треба да минат сите 50 држави, со што би се ставило и крај на обидите на републиканецот Доналд Трамп да ги оспори резултатите од изборите одржани на 3 ноември.
Вермонт, малата американска сојузна држава на североистокот од земјата, денеска беше првата чии електори гласаа во формалнарта процедура преку која Избирачкиот колеџ ги потврдува резултатите од претседателските избори во САД, на кои победа извојува поранешниот американски потпретседател, Бајден.
За Бајден, меѓу другите, веќе гласаа и електорите од државите Џорџија (која носи 16 избирачки гласови), Невада (6), Аризона (11), Пенсилванија (20), Висконсин (10) и Њујорк (29). Токму во таа држава два избирачки гласови дадоа поранешниот претседател Бил Клинтон и поранешната државна секретарка и неговата сопруга, Хилари Клинтон, затоа што тие се наоѓаат меѓу 29-те електори со кои располага Њујорк.
Во салата одекнал аплауз кога било објавено дека сите 29 електори гласале за Бајден и сенаторката Камала Харис за потпретседателка, пренесува „Њујорк Тајмс“.
Гувернерот на Њујорк, демократо Ендрjу М. Куомо, исто така беше еден од електорите и претседаваше со Избирачкиот колеџ.
По гласањето, Хилари Клинтон на Твитер го објави својот став дека Избирачкиот колеџ треба да биде укинат и победникот на претседателските избори да биде прогласуван според бројот на собрани гласови од граѓаните.
На претседателските избори во 2016 година, републиканецот Трамп ја победи Хилари врз основа на електорските гласови иако таа вкупно доби повеќе гласови од граѓаните.
– Но, сè додека постои тој систем, јас сум горда што го дадов својот глас во Њујорк на Џо Бајден и Камала Харис – напиша Клинтон.
Инаку електорите се партиски лојалисти кои републиканците и демократите ги избрале два месеца пред изборите, а во секоја сојузна држава има онолку електори колку што електорски гласови носи истата. Во согласност со волјата на мнозинството граѓани изразена на изборите, во една сојузна држава на крајот се активираат електорите на партијата на победничкиот кандидат.
Електорите по закон не се обврзани да гласаат за партијата која ги назначила во нивната сојузна држава, но бројот на такви „бунтовници“ секогаш е мал, а некои држави сега воведоа и казни за таквите претставници.
Досега, бројот на ваквите „пребегнати“ електори никогаш не влијаел на исходот на претседателските избори во САД.
Според резултатите од изборите на 3 ноември Бајден освои на 306 избирачки гласачи, а Трамп 232.