Американските сенатори и Белата куќа постигнаа согласност за условите на пакетот економски мерки со кои е предвидена огромна помош во висина од 2 билиони американски долари, наменета за деловните субјекти, работниците и системот на здравствена заштита, кои најмногу се погодени од пандемијата на новиот коронавирус во земјата. Иако деталите за конечниот договор допрва треба да бидат објавени, од она што е разговарано во насока за спасување на американската економија се предвидуваат, меѓу другото, и директни исплати на повеќето Американци, продолжување на бенефициите за невработени и програма за помош од 367 милијарди американски долари за малите бизниси, за да се задржи профитот додека работниците се дома, пренесуваат американски медиуми. Информацијата за договорот ја објави високиот советник на Белата куќа Ерик Уланд, непосредно по полноќ во вторникот, додавајќи дека сѐ уште треба да се финализира.
– Дами и господа, постигнавме договор – нагласи тој.
Овој пакет, исто така, е најголемата мерка за спасување на економијата во американската историја и е наменета како повеќенеделна или повеќемесечна „помош за економијата“ што се движи кон рецесија, јави Си-ен-ен.
Според првичните информации, американските болници може да добијат и до 200 милијарди американски долари како помош да се справат со очекуваниот бран болни пациенти. Како што наведоа американските медиуми, по донесувањето на одлуката во Сенатот, пакетот ќе треба да го одобри Претставничкиот дом предводен од Демократската партија. Претседателот Доналд Трамп, кој го повика Конгресот брзо да го донесе законот, најави дека ќе го потпише веднаш. Инаку, според последните информации, кои ги објави универзитетот „Џонс Хопкинс“, во САД досега има потврдено 55.222 случаи на коронавирусот и 797 починати.