Светските медиуми предупредуваат дека моќните држави како САД, Русија и Кина во моментов се во процес на спроведување на таканаречен „дигитален национализам“, кој преставува сет државни мерки со кои се контролираат протокот на информации на интернет и работењето на социјалните мрежи

Геополитика во дигиталниот свет

Во време кога повеќе од 200 милијарди електронски пораки течат низ целиот свет секој час, а интернетот во пандемијата го претставува самото олицетворение на глобализацијата со протокот на дигиталните информации, неопходно е како никогаш досега да се отвори прашањето дали на светот му се потребни глобални правила за проток на податоците. Ова, меѓу другото, во своја анализа го наведува американскиот магазин „Нешнл интерест“, кој пишува дека виртуелниот свет во измината година станал непропустлив, па дури и непријателски настроен кон суверените влади на повеќе држави, но и на компаниите во нивните напори за поголема контрола на информациите што се објавуваат на интернет. Поради тоа владите, но и меѓународните организации како Светската трговска организација размислуваат за поставување нови правила за протокот на сајбер-информациите, кои покрај безбедноста на државите и луѓето би требало да ја заштитат и дигиталната трговија, која за време на пандемијата е во подем како никогаш досега.

Дигиталната трговија и протокот на информациите

Сајбер-активистот што се бори за послободни права за проток на информации Џон Пери Барлоу, во својата „Декларација за независност на сајбер-просторот“, напоменува дека светот во наредните години ќе биде исправен пред нов предизвик во виртуелниот простор, при што владите и компаниите ќе сакаат да имаат поголема контрола при протокот на информациите. Ваквиот потег, според Барлоу, може да создаде нов феномен наречен „дигитален национализам“, кој во основа ја руши првичната замисла на интернет-просторот, која се однесува на непреченото разменување податоци и информации меѓу корисниците.
– Неодамнешната објавена информација за „преговарачкиот текст“ меѓу суверените влади, компаниите и Светската трговска организација на темата е-трговија посочува дека светот особено во време на пандемија сака да ги дефинира правилата за проток на податоците. Имајќи го предвид фактот дека коронавирусот ја поттикна кривата на раст во дигиталната трговија како никогаш досега, „регулирањето“ на информациите на интернет ќе донесе до несакани последици што можат да ја нарушат глобалната економија, но и светската безбедност. Ваквите иницијативи во принцип се лоши и водат кон „дигитален национализам“ механизам на големите сили за контрола на информациите што се објавуваат – оценува Барлоу.

САД, Русија и Кина со контроли на интернет?

Во меѓувреме „Волстрит журнал“ пишува дека во моментов светот е во иста фаза за проток на податоците како што бил пред Втората светска војна. Според магазинот, нема држава во светот што не го применува овој феномен наречен „дигитален национализам“. Кина како растечки геополитички ривал на САД носи закони со кои се воспоставува принципот на интернетот во земјата и се наметнуваат одредени ограничувања за протокот на податоците однатре, но и однадвор кон државата. Од друга страна, Америка, која беше под раководство на Доналд Трамп, исто така наметна ограничување во е-трговијата со азиската земја. Имено, администрацијата на поранешниот претседател им нареди на американските компании да внимаваат при споделувањето на информациите со кинеските соработници бидејќи, според тогашните власти во САД, се нарушувала безбедноста на земјата. Ваквите појави се чести и за други земји низ светот, кои преку воведување закони за контрола на информациите објавени во сајбер-просторот прават цензурирање на информациите објавени на мрежата.


Што е „дигитален национализам“

Феноменот „дигитален национализам“ е рефлексивен одговор на многу земји низ светот за заштита на податоците објавени на интернет по појавата на неконтролираниот проток на информации на глобалната мрежа. Тој не е нов и потекнува уште од минатиот век за време на светската економска криза. Поимот, според експертите, преставува сет државни мерки со кои се контролираат протокот на информации и работењето на социјалните мрежи во една земја. Иако овој феномен е критикуван од корисниците на сајбер-просторот, тој покрај безбедносниот карактер има и намена да им помогне на земјите во развој брзо да се индустријализираат и да се развијат преку дигиталната трговија.