Раната, точна и јасна јавна комуникација е неопходна во борбата против епидемиите, како оваа со коронавирусот
Од сите предизвици со кои се соочуваше човештвото низ историјата, болестите отсекогаш биле брутален и подмолен непријател. Последиците од болестите сериозно го променија текот на историјата. Американските Индијанци беа покосени од болеста што шпанските освојувачи (конквистадори) ја однесоа во Мексико и во Јужна Америка. „Силниот Кортез“ се споменува во поема на Џон Китс заедно со убиствената болест, како вариола, рубеола, грип и тифус. За разлика од Евроазијците, домородното население во новиот свет не помина неколку илјади години во контакт со животните и нивните болести. Како резултат на тоа, домородното население во Америка беше десеткувано за околу 90 отсто во 16 и во 17 век.
Од друга страна, во Европа борбата со болестите беше суштински елемент во развојот на политичкиот авторитет и државното управување на крајот од средниот век и почетокот на ренесансниот период. Смртоносните чуми, како црната смрт, ги натераа властите во северноиталијанските градови-држави и во други делови да се борат со помош на спроведување јавна хигиена и карантини. Англија на Хенри Осми и други европски држави воведоа изолациски болници. Подоцна САД развија јавни здравствени служби за да се борат против жолтата треска и други епидемии.
Воените офанзиви исто така беа придружени со болести. Главниот генерал на Наполеон, маршалот Неј напиша дека „генералот Глад и генералот Зима“ ја покосиле француската војска, која марширала кон Москва и потоа се повлекла од таму во 1812 година. Но „генералот Тифус и генералот Туберкулоза“ исто така ја одиграле својата улога.
Болестите може да бидат подмолни и тешки за спречување. Покрај човечките напори, пандемијата на грип го обиколуваше светот просечно трипати во еден век во последните 500 години. Најсмртоносен беше погрешно именуваниот „шпански грип“ од 1918 година, затоа што првиот случај беше забележан во Канзас. Таа пандемија уби над 50 милиони луѓе во светот, што е повеќе од бројот на загинати во Првата светска војна. Всушност, децата во тоа време додека скокаа со јаже пееја една морбидна песна во која се споменува самиот грип.
Што можеме да научиме од минатото искуство сега кога новиот коронавирус ковид-19 го нападна светот? Пред сè, знаеме дека светските проблеми наметнуваат наоѓање светски решенија. Тоа значи координирање на здравствените истражувања и создавање ресурси достапни за посиромашните држави за да ги развијат нивните здравствени системи – пристап што веќе се покажа ефикасно во борбата против маларијата. Понатаму, Светската здравствена организација (СЗО) треба да игра централна улога во нашата заштита од епидемиска болест, особено со фокусирање, заедно со националните влади, на следењето на болестите и со упатување предупредувања.
Внимателно изведените научни истражувања се неопходни за „справувањето со вирусите“, како што беше борбата со колерата на средината на 19 век во Лондон. Тогаш докторот Џон Сноу се движел во сите делови од градот и ги документирал случаите на болеста. Со помош на географијата и статистиката, Сноу поттикнал менување на свеста од фокусирањето само на здравјето на поединецот и третирањето на симптомите на болеста кон важноста на колективното здравје и однесувањето на целата популација.
Од клучно значење е што Сноу ја искористил старата кинеска поговорка дека вистината потекнува од фактите. Исто така, борбата против пандемијата на ковид-19 не само што наложува менување на општественото однесување преку мерки на самоизолација и привремени патни рестрикции туку исто така и информирање на јавноста за вистината. Народот мора да знае што точно се случува и како да постапува. Токму затоа мора да бидеме длабоко благодарни на херојската посветеност на многубројните кинески доктори и здравствени работници што се борат против овој нов смртоносен вирус. Тие се борат храбро за доброто на сите нас.
Од друга страна, кинеските комунистички лидери треба да се соочат со сериозни прашања. Кога разни случаи на пневмонија наречени САРС (тежок акутен респираторен синдром) се појавија во јужна Кина во ноември 2002 година, централната власт во Пекинг со месеци го прикриваше тоа. Можеби не беше случајно тоа што новиот кинески лидер Ху Џинтао беше поставен на чело на државата пролетта во 2003 година.
Силните напори на кинеската комунистичка партија да ја потисне епидемијата и да не ја извести навреме СЗО можеби ја покажуваа нејзината одлучност за да не се фрли сенка врз назначувањето на Ху. Во таа пригода, храбриот Џанг Јанјонг прв го обелодени ова прикривање на состојбата. Здружената меѓународна акција последователно спречи епидемијата на САРС да прерасне во пандемија. Ако не се случеше тоа, ќе имаше многу повеќе случаи и смртност во светот.
Но кога новиот коронавирус се појави на крајот од минатата година, кинеските комунистички лидери како да не ја научија лекцијата од минатото. Друг храбар доктор Ли Венлианг и неколку негови колеги се обидоа да предупредат за новиот вирус што се појави лани во декември во Вухан. (Некои извештаи, на пример во „Саут чајна морнинг пост“, укажуваат дека постоела голема вознемиреност уште пред да биде детектиран.) Но Ли и неговите колеги биле замолчувани од страна на полицијата и добивале закани за казни доколку прозборат јавно.
Животот во Вухан течеше нормално додека се ширеше епидемијата. Милиони ги напуштија градот и околната провинцијата за прославата на Кинеската нова година, која заврши со многу погреби, меѓу кои и оној на Ли.
Истражувањето на универзитетот „Саутемптон“, кое сè уште нема рецензија, укажува дека раните мерки на кинеските власти драматично ќе ја намалеа стапката на инфекции. Болеста е убиец, како и тајноста на тоталитарниот режим, како оној на чие чело е кинескиот претседател Си Џинпинг, кој ги цензурираше и затвори социјалните медиуми кога пренесоа што всушност се случува во Вухан.
Соодветниот надзор на можни катастрофални закани по јавното здравје бара знаење и транспарентност еднакво во и меѓу државите. Како што покажува повторно смртоносната пандемија на ковид-19, кажувањето на вистината всушност спасува животи.
Патен e последниот британски гувернер на Хонгконг, бивш еврокомесар и ректор на „Оксфорд“. Колумната е објавена за „Проџект синдикејт“