Вулканот Килауеа на Хаваите станува се поопасен, откако реки течна лава се слеаја во водите на Тихиот Океан, а растопените камења продолжуваат да нанесуваат штета на Големиот Остров.
Локалните власти предупредија дека вулканската лава која влегува во океанот претставува опасност за белите дробови, кожата и очите. Тоа се случува поради тоа што при влегувањето на лавата во морската вода се ослободува хлороводородна киселина и пареа полна со фини честички стакло.
Еден човек е сериозно повреден, откако лава се распрснала додека тој седел на својот балкон на трети кат. Ова е првата жртва со посериозни повреди поврзана со ерупциите на вулканот Килауеа во Хаваи.
Килауеа веќе две недели ослободува опасни гасови во околината на вулканот, а текот на лавата уништи многу домови и го принуди локалното население на евакуација.
Научниците појаснија дека во саботата дошло до спојување на нова и повеќедецениска стара вулканска магма, што создало пожешка и потечна лава, која во широк тек се движи со брзина од околу 300 метри на час.