Австрискиот претседател Александер ван дер Белен истакна дека на Европската унија и на Австрија, поради комплицираната светска политичка ситуација, им се заканува „губење на значењето“.
– Европа мора да одлучи, сакаме ли да продолжиме како досега и да гледаме како ЕУ и Австрија на светската сцена го губат значењето или сакаме посилна Европа која ќе се слуша во светот бидејќи зборува во еден глас, нагласи Ван дер Белен, додавајќи дека тој сака силна и соединета Европа, како и дека Брегзит на сите им бил доволно предупредување.
Изрази уверување дека австрискиот канцелар Себастија Курц сериозно ќе го сфати проевропскиот курс кој е запишан во коалицискиот договор, потенцирајќи дека, шефот на Владата добро ја познава светската политичка ситуација и дека знае оти Австрија, глобално, своите интереси не може сама да ги „истурка“.
Ван дер Белен посочи дека за членството во ЕУ, во Австрија се поврзани стотици илјади работни места.
– Уништувањето на Унијата би ги изложило земјите како брод без кормило на море, при силен ветар и големи бранови и на крај би значело нова сиромаштија во Европа, нагласи австрискиот претседател.
Во однос на претседавањето на Австрија со ЕУ, Ван дер Булен побара поголемо единство во Унијата.
– Преговорите за Брегзит и за буџетот на ЕУ се тешки, но тоа нема да ја уништи Унијата, оцени тој.
Австрискиот претседател објасни дека доколку постои желба да се спречи илегалната миграција, треба да се создадат легални можности за миграција кои ќе се засноваат на европските закони за миграција и заедничкиот систем за азил.
– Миграцијата не е најголемиот проблем во Европа. Моментално, климатската криза и заканувачката царинска и трговска војна со САД создаваат поголема грижа, заклучи Ван дер Белен.