Приближување на Западен Балкан е јасен европски интерес, но пред пристапувањето земјите од регионот мора јасно да се изјаснат за основните вредности на ЕУ и да спроведат внатрешни реформи, оценија претседателот на австрискиот парламент, Волфганг Соботка и првиот човек на фондацијата Конрад Аденауер Норберт Ламерт.
Европскиот парламент, како и националните парламенти, во процесот ќе игра важна улога, бидејќи тие мора да внимаваат да се исполнат критериумите пред пристапувањето, рекоа тие на состанокот во Виена наречен „Пристапна перспектива на Западен Балкан – улогата на парламентите”.
– Земјите од Западен Балкан и припаѓаат на Европа и поддршка на патот кон ЕУ е во интерес на самата Унија – истакна Соботка, кој потсети дека ЕУ е мировен проект, но дека тие 70 години мир досега опфаќаа само еден дел од Европа, откако конфликтот помеѓу Франција и Германија е одржливо решен.
Според него, вниманието сега мора да биде насочено кон регионот за кој се уште постои загриженост, и каде што има отворени рани.
Соботка е убеден дека приближување на земјите од Западен Балкан, е нешто од што не смее да се откаже, бидејќи во спротивно другите земји ќе се обидат да го прошират своето влијание.
Ламерт, кој долги години беше претседател на германскиот Бундестаг, повика да не се повторат грешките од минатото во членството да се примат земји, кои не ги исполниле целосно критериумите.
Тој ја поддржа иницијативата на Австрија, која претседава со ЕУ, дека процесот на проширување треба да биде заедничка задача на сите европски партнери, врз основа на јасни критериуми и мерлив напредок.
Ламерт смета дека идните претседавачи со ЕУ треба да се обврзат дека ќе ги почитуваат тие принципи и забележува дека пропуштањето на некои критериуми за полесен пристап на одредени земји би било погрешен пат.
Според него, погрешно е однапред да се разгледаат термини за пристапување, што укажува на многуте тешкотии со кои земјите од регионот мора да се соочат – од високи трговски дефицити до корупција и недоволно владеење на правото.
Констатирајќи дека процесот на приближување ќе биде тежок, Ламерт укажа на различните интереси на членките на ЕУ и смета дека изборите за Европскиот парламент идната година, дополнително ќе го отежнат тој процес, имајќи го предвид можниот исход.