Шефот на европската партија на Зелените, Рајнхард Бутикофер, во реакција на синоќешното гласање на британскиот Парламент за договорот за истапување на Велика Британија од ЕУ, порача дека нов референдум за брегзит би бил “демократски, очигледен и легитимен“.
Копретседателот на европските Зелени истакна дека биле прекршени „сите ветувања дадени за време на кампањата за брегзит во јуни 2016“, како и дека некои лажеле од самиот почеток.
– Многу анкети покажуваат дека Британците би се предомислиле – порача Бутикофер.
Тој остро го нападна и лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, Џереми Корбин, кој, според него, има исто толку одговорност во оваа ситуација како и премиерката Тереза Меј.
– Левиот национализам што го претставува Џереми Корбин нема никаква врска со прогресивна политика – рече Бутикофер, додавајќи дека лидерот на лабуристите „прави сѐ за да се случи брегзит“.
Синоќешната одлука на британскиот Парламент за отфрлање на Договорот за брегзит, што го постигнаа Владата на Меј и Брисел, отвори нова сериозна криза како во ЕУ, така и во Велика Британија.
Земјата треба да ја напушти ЕУ на 29 март годинава, но без договор за брегзит сценаријата би можеле да бидат катастрофални како и на островот и на континентот.
Во следните денови се очекува да се види како партнерите планираат да излезат од оваа криза, но претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер порача дека по ова гласање шансите за „брегзит без договор“ значително се зголемени.
Најверојатна опција за сега е одложување на датумот за брегзит по 29 март, став што го поддржуваат мнозинството политички партии во Европскиот парламент.
Меѓутоа, во ова сценарио, се поставува горливото прашање за следните европски избори во мај. Повеќе земји членки сакаат Обединетото Кралство да ја напушти ЕУ пред овие избори. Еден од главните проблеми е што седиштата на британските европратеници веќе се прераспоредени за други земји членки.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, по синоќешното гласање на Твитер објави дека „најпозитивно решение“ е Британците да останат во ЕУ.