Британскиот министер за бизнис, енергетика и индустриска стратегија Грег Кларк рече дека постојат причини за оптимизам дека Велика Британија ќе склучи договор со ЕУ.
Тој ова го изјави откако производителот на „Тојота“ предупреди дека ако Лондон излезе од ЕУ без договор, тоа лошо ќе влијае врз производството на јапонскиот бренд во Велика Британија.
Само шест месеци пред излезот на Велика Британија од ЕУ на 29 март 2019 година, премиерката Тереза Мај рече дека преговорите за договорот за Брегзит се во ќорсокак. Според неа, нејзината стратегија, позната како „Чекерс“, е единствената вистинска опција.
Лидерите на ЕУ, сепак, рекоа дека клучните моменти во неа се неприфатливи, и многу пратеници од нејзината Конзервативна партија се заканија дека ќе гласаат против договор врз основа на тој план.
Таа несигурност предизвика загриженост дека Велика Британија ќе излезе без договор, а многу компании, особено од автомобилската индустрија, велат дека тоа е лоша опција со негативни последици.
– Се разбира дека сакаме договор. Никој не треба да ја доведува во прашање решеноста на премиерката и на нашиот преговарачки тим. Постојат основи за оптимизам дека ќе можеме да постигнеме договор за ова прашање, изјави Кларк за Би-Би-Си радио.