Британскиот премиер Борис Џонсон предупреди дека доколку законот биде усвоен, ќе биде принуден да распише нови избори. Клучен момент за неговиот неуспех во парламентот беше откажувањето на послушноста на дури 21 пратеник од владејачките Ториевци, кои го поддржаа предлогот за законот. Со овој закон Џонсон ќе биде принуден да побара од Европската Унија ново одложување на излегувањето на земјата, а како краен рок се споменува 31 јануари 2020 година
Британија е сѐ поблиску до предвремени избори, откако премиерот Борис Џонсон доживеа пораз во парламентот, кој го усвои барањето за гласање закон со кој се отфрла можноста за брегзит без договор. Џонсон предупреди дека доколку законот биде усвоен, ќе биде принуден да распише нови избори. Клучен момент за неговиот неуспех во парламентот беше откажувањето на послушноста на дури 21 пратеник од владејачките Ториевци, кои го поддржаа предлогот за законот. Со овој закон британскиот премиер ќе биде принуден да побара од Европската Унија ново одложување на излегувањето на земјата, а како краен рок се споменува 31 јануари 2020 година. Ваквиот развој на настаните дополнително ја продлабочува политичката криза во Британија околу процесот на брегзит.
– Не сакам избори, но ако пратениците гласаат за запирање на преговорите и одлучат за уште едно бесмислено одложување на брегзит, кое може да трае со години, тогаш тоа ќе биде единствениот начин да се реши тоа – порача Џонсон во парламентот, откако предлогот за усвојување закон против брегзит без договор беше поддржан од 328 пратеници, наспроти 301 пратеник, кои гласаа „против“.
Британскиот премиер предупреди дека парламентот е на чекор до уништување на каков било договор што неговата влада би можела да го постигне со ЕУ за условите за излегување на Британија од европскиот блок.
– Со гласањето за блокада на брегзит без договор, Брисел ќе добие предност во преговорите. Тоа ќе донесе само повеќе неизвесност, одложување и конфузија – додаде Џонсон.
Сепак, за распишување предвремени избори, кои би можеле да се одржат на 15 октомври, само два дена пред клучниот самит на ЕУ во Брисел, потребна е двотретинска поддршка во парламентот. Лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин порача дека би поддржал нови избори само откако ќе биде усвоен законот против брегзит без договор.
– Подготвен сум да се борам на изборите. Приоритет на мојата партија е да спречи брегзит без договор – истакна Корбин.
Лабуристичкиот лидер и претходно порача дека сака избори за да ја симне од власт конзервативната партија, но некои членови од неговата партија стравуваат дека Џонсон би можел да ги искористи новите избори за да ја „извади“ Британија од ЕУ без договор преку заобиколување на парламентот во Лондон. Корбин, кој е долгогодишен критичар на Унијата, истакна дека општите избори и обидите да се спречи брегзит не се спротивставени опции, сугерирајќи дека лабуристите ќе продолжат со обидите да најдат начин за спречување на излегувањето на Британија без договор, па дури и ако почне предизборната кампања.
– Лабуристите сакаат да спречат излегување на земјата од ЕУ без договор и сакаат општи избори за да им се стави крај на строгите мерки за штедење и да почнат со инвестирање во локалните заедници. Убеден сум дека можеме да ги постигнеме и едното и другото – додаде Корбин.
Во бурната и жестока пресметка на премиерот и парламентот, противниците на Џонсон пред гласањето порачаа дека сакаат да го спречат да игра руски рулет со земјата, која некогаш беше сметана за силен столб на економската и политичката стабилност. Тие тврдат дека ништо не може да го оправда ризикот за брегзит без договор, што буквално прекуноќ ќе ги прекине економските врски со најголемиот британски извозен пазар, и оти тоа неизбежно ќе донесе големи економски турбуленции.
Одговорот на прашањето во која насока ќе се одвива политичката криза за брегзит најмногу зависи од синоќешното гласање, кога пратениците требаше да се изјаснат за законот со кој ќе се инсистира од Џонсон да го одложи излегувањето на Британија од ЕУ до 31 јануари, освен ако парламентот не даде зелено светло за нов договор или, пак, ја поддржи опцијата за брегзит без договор на 19 октомври. Дури и да биде усвоен законот, за какво било одложување на датумот за излегување на земјата од Унијата ќе биде потребна согласност од преостанатите 27 земји-членки, кои порачаа дека Лондон мора да понуди валидна причина за одложувањето.
Дали Владата може да го блокира или игнорира законот?
Јасното мнозинство што го доби предлогот за изгласување закон против брегзит сигнализира дека тој ќе биде усвоен, а малку е веројатно министрите да најдат начин за негово одложување. Министрите во кабинетот на премиерот Борис Џонсон, особено Мајкл Гоув, досега во повеќе наврати, пак, сигнализираа дека Владата може едноставно да ја игнорира инструкцијата за продолжување на брегзит, дури и таа да биде преточена во закон. Но Џонсон сепак пред парламентот порача дека нема да се случи тоа, додавајќи дека не планира да побара продолжување на рокот и оти, наместо тоа, цели кон свикување и победа на предвремените избори, пренесува „Гардијан“.
И внукот на Черчил гласаше против Џонсон
Меѓу 21 пратеник од владејачката Конзервативна партија, кои го поддржаа барањето за изгласување закон против брегзит без договор, беше и Николас Соамс, внук на поранешниот британски премиер Винстон Черчил.
Во изјава за Би-би-си, тој истакна дека во текот на неговата 37-годишна кариера како конзервативен пратеник само трипати гласал против влада предводена од Ториевците. Соамс додаде дека нема повторно да се кандидира за пратеник на наредните избори.
– Но така стојат работите. Знаев што правев. Но само верував дека не играат искрено со нас. Да кажете дека сакате договор е многу различно од посакувањето договор што не може да се постигне. Тоа што го бара Џонсон не може да се постигне, и тој е свесен за тоа – порача Соамс.