Меѓународниот кривичен суд (МКС) би можел да отвори прва истрага против британската армија по извештај на Би-би-си за прикривање наводни воени злосторства. Би-би-си откри докази дека британската држава прикрила убиства на цивили извршени од војници на британската армија во Ирак и во Авганистан. МКС нагласи дека многу сериозно ги разгледува наводите, а Министерството за одбрана на Британија смета дека обвинувањата се неосновани. Оттаму велат дека целосно соработуваат со МКС и дека не гледаат оправданост за понатамошни интервенции на судот.
Ако МКС отвори официјална истрага, тоа ќе биде прв процес на судот за воени злосторства со седиште во Хаг против државјани на Велика Британија. МКС соопшти дека самостојно ќе ги процени наводите на Би-би-си дека ќе поведе процес ако смета дека Владата ги штити војниците од кривично гонење. Судот претходно заклучи дека постојат веродостојни докази дека британски сили извршиле воени злосторства во Ирак. Повеќето од овие случаи вклучуваат обвинувања за малтретирање притворени лица.
Најпознат случај е тој на Баха Муса од Басра, кој починал откако бил мачен од британските сили во 2003 година, што доведе до јавна расправа и единствена пресуда на британски војник за воени злосторства во Ирак. Но Би-би-си во соработка со „Сандеј тајмс“ открил нови податоци за наводни убиства во британски притвор. Според овие медиуми, има докази за распространети мачења што се случиле во британската база „Кемп Стивен“ во Басра три месеци пред да биде убиен Муса. Тие ја наведуваат смртта на двајца мажи, за кои Министерството за одбрана на Британија признава дека биле невини цивили. Британски војници и друг персонал изјавиле дека двајцата притвореници биле мачени, по што биле најдени мртви со вреќи на главите.
Британските воени обвинители летоска одлучија никого да не гонат за двата смртни случаи. Министерството за одбрана на Британија тврди дека воените операции се водат во согласност со законите и дека досега имало опсежна истрага за наводите.