Полската опозиција вели дека ваквиот закон е обид да се ограничи популарна телевизија, која честопати е критички настроена кон Владата, пишуваат европските медиуми
Брисел остро ја критикуваше Полска откако пратениците минатата среда изгласаа контроверзен закон за медиумско сопствеништво, за кој критичарите велат дека е закана за медиумската слобода. Спорниот предлог-закон, кој сè уште чека одобрување од Сенатот и од полскиот претседател, ќе ги спречи неевропските сопственици да имаат мнозински удел во полските медиумски компании. Ова нашироко се сфати како напор да се замолчи независната телевизија во американска сопственост што ја критикува полската влада и обелодени незаконски дела на властите. Според законот, американската компанија „Дискавери“ ќе треба да го продаде мнозинскиот удел во ТВН, мрежа со многу канали што раководи со полската новинска телевизија ТВН24, чии вечерни вести ги следат милиони гледачи, пишува порталот „Јуроњуз“. На истата тема европскиот магазин „Политико“ наведува дека лиценцата на новинската телевизија истекува на 26 септември, која е трн во око на Владата, која вложи големи напори да ги стави медиумите под свој надзор.
Вера Јурова, која е потпретседателка за вредности и транспарентност во Европската комисија, во однос на полскиот закон порача дека „тој испраќа лоши сигнали, бидејќи медиумскиот плурализам и различните ставови се прифатени во силните демократии и затоа е потребен закон за медиумска слобода во рамките на целата Европска Унија (ЕУ) што ќе ја брани медиумската слобода и ќе го поддржува владеењето на правото“.
Тензии во полскиот парламент
Полските пратеници го изгласаа предлог-законот по хаотичниот ден во парламентот во средата. Гласањето претставува успех за владејачките конзервативци во Полска, кои беа вклучени во драматична расправа во парламентот. Сево ова се случи два дена по политичкиот пресврт што доведе до распаѓање на владината коалиција, кога заменик-премиерот Јарослав Говин, кој инаку не го поддржуваше законот, беше избркан од Владата и притоа ја повлече својата мала пратеничка група. Партијата закон и правда (ПИС) се бореше да обезбеди мнозинство за да го поддржи законот за сопствеништво на медиуми што има големи последици по последната најголема независна телевизија во државата.
Првично, гласањето во средата беше одложено до септември, откако иницијативата на опозицијата, која повика на одложување, неочекувано освои мнозинство гласови. Некои опозициски пратеници рекоа дека сè уште постои надеж да се зачува медиумската независност. Но во хаотичната и емотивна седница, претседателката на парламентот, Елзбиета Витек, реши да го повтори процесот. Во второто гласање, Владата избори тесна победа благодарение на тројцата пратеници од популистичката партија на рок-музичарот Павел Кукиз, кој порача дека неговата пратеничка група направила грешка првиот пат. Опозицијата обвини дека повторното гласање е незаконско и дека секоја одлука што парламентот ја донел за време на седницата во средата не е валидна. Предлог-законот сега се предава на Сенатот каде што опозицијата има тесно мнозинство и, најверојатно, ќе го отфрли. Потоа тој пак се враќа во парламентот, но за второто гласање десничарската партија Конфедерација веќе соопшти дека ќе биде воздржана. На крајот, законот мора да го одобри и претседателот на Полска, Анджеј Дуда, кој е сојузник на ПИС.
Силни критики од Вашингтон
Порталот „Политико“ во однос на оваа тема пренесува дека ако предлог-законот се усвои, тој најверојатно ќе предизвика тензии со САД, кои се клучни сојузници на Полска во НАТО, но и важен инвеститор во државата. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен уште доцна во средата соопшти дека Вашингтон „длабоко е загрижен за полскиот контроверзен закон“, за кој тој рече дека „цели на најгледаната независна телевизија, која е наедно една од најголемите американски инвестиции во државата“. Тој додаде дека законот може да ги загрози американските инвестиции во Полска, кои ги јакнат просперитетот и колективната безбедност, но предупреди дека може да се одрази на целокупната инвестициска клима. Во однос на врските меѓу двете држави, Блинкен истакна дека слободните и независни медиуми ги јакнат демократиите и трансатлантската алијанса. Нед Прајс, портпаролот на Стејт департментот, порача дека Вашингтон одблизу ќе го следи развојот на настаните со Законот за медиуми. Експертите веќе почнаа да предупредуваат дека ваквиот закон нема да помине без последици за полско-американските односи. Во полските медиуми осамнаа вести дека САД почнале да размислуваат за преместување на дел од војската од Полска во Романија. Полските бизниси исто така изразија загриженост дека законот може да ги залади економските односи меѓи двете земји.
Удар по независните медиуми
Порталот „Јуроњуз“ понатаму во својата анализа посочува дека Законот за медиуми се гледа како клучен тест за опстанок на независните медиуми во поранешната комунистичка држава, шест години откако е на власт популистичката влада, која постепено ја ограничува независноста на медиумите и судството. Освен законодавството, државниот орган за радиодифузија повеќе од една година одбива да ја продолжи дозволата за емитување на ТВН24, која истекува на крајот на септември. Протестите против овој закон се одржаа минатиот вторник во десетици градови во Полска. Говорниците го изразија својот страв дека укинувањето на ТВН како независен глас ќе ја врати цензурата, која многу Полјаци сè уште ја паметат од ерата на комунизмот.