Портпарол на Европската Комисија се огласи по обвинувањата на министерот за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини, дека вината за урнатиот мост лежи во стриктните фискални правила на Европската Унија.
Салвини пред неколку дена порача дека “ако надворешните обврски нѐ спречуваат да имаме безбедни патишта и училишта, тогаш се доведува во прашање смислата на почитувањето на тие обврски„, алудирајќи на буџетските обврски за земјите члени на евро зоната за дефицитот и долгот, јави дописничката на МИА од Брисел.
Денеска портпаролот на ЕК Кристијан Шпар порача дека е време да се разјаснат неколку работи.
-Во април 2018, Комисијата одобри инвестициски план за италијанските автопати, под правилата за државната помош. Според договорените фискални правила, земјите членки се слободни да поставуваат специфични политички приоритети, на пример развојот и одржувањето на инфраструктурата. Всушност ЕУ го охрабри инвестирањето во инфраструктура во Италија, изјави портапаролот.
Тој потсети и дека ЕУ има законодавство кое изискува од земјите членки да ги исполнат условите за безбедност на патишта и да бидат редовно предмет на инспекции.
Од своја страна евркомесарот за буџет, Гинтер Етингер, твитна е дека е “многу човечки“ да се обвинува друг во време на трагедии.
Изјавите на Салвини доаѓаат неколку месеци пред презентирањето на новиот италијански буџет за 2019 и неколку изјави до сега од членови на италијанската влада сугерираат дека е можно Рим да одбие да се придржува до поставените буџетски правила на ЕУ.
Според европските правила стапката на дефицит треба да биде три отсто од БДП, а долгот под 60 отсто.