Американскиот претседател Доналд Трамп бил вклучен во даночни махинации кои опфаќаат и случаи на измама, во кои тој и неговите браќа и сестри им помогнале на родителите да избегнат плаќање на данок во вредност од милиони долари, објави „Њујорк тајмс“.
Истрагата на весникот, за која Белата куќа тврди дека е неточна, покажува дека Трамп добил богатство кое според денешната вредност би изнесувало 143 милиони долари, од бизнисот со недвижности на неговиот татко.
„Њујорк тајмс“ цитира поверливи финансиски извештаи и даночни пријави според кои голем дел од богатството на Трамп било создадено со помошта која ја пружил на родителите при избегнувањето на плаќање на данок, преку основање на лажна компанија со неговите двајца браќа и две сестри за да претстави милиони долари како подароци од родителите.
Во текот на претседателската кампања, Трамп се претстави себеси како самосоздаден магнат за недвижности, кој почнал со „многу мал“ заем од неговиот татко-бизнисмен Фред Трамп.
Гласноговорничката на Белата куќа Сара Сандерс ја оквалификува приказната на „Њујорк тајмс“ како неточна, додавајќи оти „Даночната управа на САД ги истражила трансакциите уште пред повеќе децении“. Адвокатот на Трамп, Чарлс Хардер, во изјава за весникот истакна дека претседателот немал никаква вмешаност во овие прашања.
Весникот наведува дека дошол до сознанијата врз основа на 200 даночни пријави од Фред Трамп и неговите компании компании. Згора, истрагата ги опфаќа и разговорите со поранешните вработени во компаниите на таткото на американскиот претседател, како и 100 илјади страници документи што го опишуваат функционирањето на бизнис империјата на Трампови.
Доналд Трамп, пак, одби да ги обелодени неговите своите пријави, за разлика од останатите претседателски кандидати и претседатели на САД во последните неколку децении. Официјалните лица на надлежните даночни служби во Њујорк најавија дека ќе ги испитаат наводите на „Њујорк тајмс“.