Руски авион Су-27 вчера пресретна извидувачки авион на американската морнарица „Локид“ ЕП-3Е во меѓународниот воздушен простор над Црно Море, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
Во соопштението се наведува дека воздушната контрола вчера забележала неидентификувана воздушна закана во близина на неутралните води на Црно Море, која се приближува до воздушниот простор на Руска Федерација.
Авионот ловец Су-27 полета од најблискиот аеродром и се доближи до метата која ја идентификуваше како извидувачки авион ЕП-3Е Арес на американската морнарица, се посочува во соопштението од руското Министерство за одбрана.
Американската морнарица пресретнувањето на авионот го оцени како „небезбедно и непрофесионално“.
Си-Ен-Ен повикувајќи се на неименувани извори објави дека средбата помеѓу двата авиона траела околу 25 минути, а рускиот авион прелетал пред американското летало поради што американскиот екипаж почувствувал турбуленции за време на летот.
– Су-27 и вторпат прелета пред авионот на американската морнарица и предизвика вибрации на американскиот авион – наведе Си-Ен-Ен.
Експертите за сега не успеаја да проценат колку се доближил рускиот авион ниту дали бил вооружен.