Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, соочен со обвиненија за предавство, го бранеше повлекувањето на САД од Авганистан од лутите членови на Конгресот, каде се бараше негова оставка.
Во жестоката размена на зборови со пратениците, Блинкен ја обвини претходната администрација, бранејќи ја одлуката на претседателот Џо Бајден да ги повлече војниците, и ги отфрли обвинувањата дека Стејт департментот можел да направи повеќе за да им помогне на Американците и ранливите Авганистанци.
Државниот секретар повтори дека поранешниот републикански претседател Доналд Трамп преговарал за повлекување со талибанците и рече дека владата на претседателот Бајден не преговарала повторно затоа што талибанците се заканиле дека ќе почнат да убиваат Американци.
– Нема докази дека останувањето би ги направило авганистанските безбедносни сили или авганистанската влада поодржливи или поотпорни. Го наследивме рокот за повлекување. Но, не го наследивме и планот – рече Блинкен.
Администрацијата на Трамп се согласи да ги повлече сите американски војници до 1 мај.
Блинкен беше сослушан пред Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом во понеделникот, а во вторник ќе сведочи пред Комисијата за надворешни работи на Сенатот.
– Американците не сакаат да губат, особено не од терористите. Но, токму тоа се случи – рече републиканскиот пратеник Мајкл Мекол.
Тој праша зошто владата не договорила за надзор и договор против тероризмот со соседните земји за воздухопловната база Баграм.
– Закана за националната безбедност ќе биде доколку влезе Кина. Колку што знам, тие можат да го преземат Баграм – рече Мекол.
Блинкен рече дека САД активно работат на идентификување на заканите.
Членовите на Конгресот имаа долга листа на прашања во врска со брзиот колапс на авганистанската влада поддржана од САД и хаотичното повлекување на 124.000 луѓе, вклучително и Американци од Кабул.
Демократите изразија загриженост за Американците и ранливите Авганистанци кои сакаа да заминат, но не успеаја, но го поддржаа повлекувањето како потребно, иако болно.
Блинкен ја пофали евакуацијата како „херојски напор“ на дипломатите, војската и разузнавачките служби и рече дека уште 100 Американци останале во Авганистан кон крајот на минатата недела и кои сакале да заминат.
Тој рече дека САД ќе продолжат да обезбедуваат хуманитарна помош за Авганистан преку невладини организации и агенции на ОН, а не преку Талибанците.
Најави дека ќе назначи висок функционер во неговото министерство, кој ќе биде задолжен само за помош на жените, девојките и малцинствата.
Републиканците го нападнаа Блинкен поради смртта на 13 американски војници во самоубиствениот напад на аеродромот во Кабул пред крајниот рок за повлекување на 31 август.