Поранешниот американски претседател Бил Клинтон е хоспитализиран во Калифорнија под сомнение за инфекција на крвта. „Си-ен-ен“ објави дека Клинтон (75) е сместен на одделот за интензивна нега. Неговата состојба не е поврзана со претходни проблеми со срцето или ковид-19.
Станува збор за инфекција на уринарниот тракт, што се прошири во неговиот крвоток, велат лекарите за „Си-ен-ен“.
– Во вторникот вечерта, поранешниот претседател Бил Клинтон беше примен во болница за лекување инфекција, која не е ковид-19. Тој закрепнува, добро е расположен и благодарен им е на лекарите, медицинските сестри и на персоналот што му дадоа одлична нега – објави неговиот портпарол Ангел Урена на Твитер.