Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони (84) е итно примен во болница во Монако поради проблеми со срцето, изјави денеска неговиот личен лекар.
Алберто Зангрило рече дека го видел Берлускони во понеделникот и решил да го префрли во блиската болница бидејќи не сметал дека е мудро да се враќа во Италија, чија граница е на 15 километри од малата град-држава.
Засега е непознато дали е надминат здравствениот проблем.
Поранешниот премиер имаше голема операција на срцето во 2016 година, а преживеа и рак на простата.
Тој исто така се зарази со коронавирус во септември минатата година и подоцна рече дека тоа бил најопасниот предизвик во неговиот живот.
Берлускони и натаму е на чело на опозициската партија „Форца Италија“.
Италија доживува политички хаос откако помалиот коалициски партнер, партијата „Италија Вива“, ја напушти владата. Медиумите шпекулираат дека „Форца Италија“ може да стапи на сцена и да го врати владиното мнозинството во парламентот за да избегнат предвремени избори.