Германија и нејзините европски сојузници нема да подлегнат на притисокот на САД за приклучување кон новите американски санкции кон Техеран, порача германскиот министер за економија Петер Алтмајер, нагласувајќи дека ЕУ ќе продолжи да ги поддржува компаниите што имаат бизнис-врски со Иран.
– Нема да дозволиме Вашингтон да ни диктира со кого ќе соработуваме. На тој начин го почитуваме нуклеарниот договор, за Иран да не развие атомско оружје – истакна Алтмајер за „Билд ам Зонтаг“.
Сепак, и покрај најавите на Брисел дека ќе ги поддржи компаниите што би биле на удар на американските санкции поради соработката со Иран, неколку европски фирми се откажаа од инвестиции на иранска територија, меѓу кои и нафтениот гигант „Тотал“ и автопроизводителите „Пежо-Ситроен“, „Рено“ и „Дајмлер“.
Алтмајер упати и остри критики на сметка на политиката на Вашингтон за воведување царини за увоз на некои производи, што доведе до трговски спорови меѓу САД и повеќе земји. Американската администрација тврди дека цел на овие царини е заштитата на работните места во САД од „нечесната трговска практика на Кина и европски и други држави“, но, според Алтмајер, таквите мерки, напротив, ќе придонесат за уништување на работните места.
– Трговската војна го забавува и уништува економскиот пораст и води кон неизвесност – изјави Алтмајер, додавајќи дека најголема штета трпат потрошувачите, затоа што зголемените царини водат до пораст на цените на производите.
Германскиот министер го поздрави договорот за царините што минатиот месец го постигнаа шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека тој спасил илјадници работни места во Европа.