Белата куќа му ја врати новинарската акредитација на Џим Акоста, репортерот на Си-ен-ен, која му беше одземена по вербалниот инцидент на прес-конференција на претседателот Доналд Трамп. Белата куќа предупреди дека Акоста мора да почитува повеќе правила на идните конференции за новинарите.
Претставниците на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс и Бил Шајн, му испратиле на Акоста писмо, во кое му го објаснуваат неговиот статус. Си-ен-ен преку Твитер прогласи победа, соопштувајќи дека Белата куќа му ја вратила акредитацијата на Акоста, поради што телевизијата нема да ја поднесе планираната тужба. Станува збор за пресврт во администрацијата на Трамп во однос на случајот со новинарот на Си-ен-ен, бидејќи во петокот соопшти дека на Акоста ќе му забрани влез и покрај одлуката на судот, со која му се дозволува да известува од Белата куќа.
Во вчерашното писмо од Белата куќа се наведува дека акредитацијата на Акоста може повторно да биде загрозена. Според писмото, секој новинар ќе биде ограничен на едно прашање, а дополнителните прашање ќе бидат дозволени со одлука на претставниците на Белата куќа.