Додека западните политичари стравуваат од отворена руска инвазија врз регионот Донбас и го повикуваат рускиот претседател Владимир Путин да ја деескалира ситуацијата, тој доби телефонски повик од американскиот претседател Џо Бајден. Сепак, постои можност стравувањата од инвазија воопшто да не се остварат, пренесува „Би-би-си“.
– Доколку ситуацијата се спореди со одење во крајна екстрема, или со играта кој ќе трепне прв, Бајден изгуби – изјави новинарот и политички аналитичар Константин Егерт, откако Бајден го оствари првиот повик до Кремљ и предложи средба со Путин.
Според зборовите на Константин Косачев, САД сфатиле дека е невозможно да покажат и остварат воена супериорност врз Русија, така што двете земји треба да се вратат на дијалогот. Со неодамнешното распоредување на руските војници, Русија изгледа како да се откажа од обидите да му се допадне на Западот и сега има за цел само да го заплаши. Но, Русија се чини дека има поголема намера, односно да испраќа сигнали наместо војници.
Дел од експертите тврдат дека позади целата ситуација, Русија се обидува да ги спречи строгите, нови санкции што администрацијата на Бајден ги најави како одмазда за хакерските напади и мешањето на изборите во САД.
– Русија се обидува да ги зголеми влоговите и да покаже дека може да им нанесе штета на оние кои се обидуваат да ѝ нанесат штета на Русија, дури и по цена на поостри санкции. Мислам дека ова е логиката зад ситуацијата, што е опасно, бидејќи во секој момент таа може да излезе од контрола – тврди аналитичарот Михаил Троицки.
Оружениот конфликт со Грузија во 2008 година е предупредување за тоа колку брзо може да ескалира ваквата конфронтација.
Ескалацијата во регионот Донбас исто така се чини дека нема да биде популарна меѓу Русите, кои веќе се справуваат со последиците од пандемијата, санкциите и влијанието од ниската цена на нафтата. Намерите на Путин можеби ќе се дознаат следната недела, на годишното обраќање за „состојбата на нацијата“, настан на кој рускиот претседател честопати ги искажува неговите ставови против Западот.
Телефонскиот повик од Бајден можеби ќе му укаже шанса на Путин да се повлече и да отстапи од оваа битка.
– Мислам дека Путин го привлече вниманието на Западот. Тој се стави во фокусот, не само на Европа, туку и на американската администрација, со што успеа да ги исплаши. А тој сака кога го прави тоа – вели Егерт.
Троицки се согласува со изјавата на Егерт.
– Доколку Русија увиди дека санкциите на САД нема да влијаат на нејзините витални интереси, тогаш можеби ќе размисли за повлекување на војници од границата. Друг начин да се деескалираат работите е тие да достигнат кулминација, како случајот со кубанската ракетна криза. Но, тоа би било многу непожелно – заклучува Троицки.