САД го зголемуваат военото присуство во Европа
На повеќе локации во Европа, американските воени сили периодов се во фаза на испраќање или распоредување на своите трупи. Последни на листата земји каде што Вашингтон размислува, односно веќе распоредува војска се Грција, но и Летонија.
Имено, неделава во грчкиот пристаништен град Александрополис се одржа протест поради проширувањето на американското воено присуство во Грција. Различни синдикати, студенти и локалниот разгранок на пацифистичкото здружение ЕДИЕ учествуваа во демонстрациите организирани од „Комитетот против грчко-американскиот воен договор и базата во Александрополис“.
Како што пренесуваат грчките медиуми, протестите следуваат откако американската армија нагло го претвори Александрополис, кој се наоѓа на 20 километри од турската граница, во голема воена база. Според извештаите, во октомври, американските бродови истоварија 1.000 оклопни возила, 120 воени хеликоптери и 3.000 војници, јавува АА. Испораката, според грчките медиуми, ќе биде дел од воената вежба што ќе се одржи во Романија, Бугарија и во Централна Европа, иако некои од аналитичарите тврдат дека ваквото силно распоредување на американската војска може да има врска со тензиите со Турција во источниот Медитеран.
Во меѓувреме, летонскиот министер за одбрана Артис Пабрикс пред посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека на Летонија ѝ треба постојано американско воено присуство.
– Потребна ни е дополнителна меѓународна помош. Би сакале да имаме постојано воено присуство на САД во нашата земја – изјави летонскиот министер за одбрана.
Треба да се обележи дека покрај овие две земји, изминатиот период и властите од Литванија, Украина, Естонија, но и од Полска соопштија дека се согласни американски трупи да отворат воени бази во нивните земји, сѐ со цел да нема дестабилизација на Европа.