Сирискиот претседател Башар ал Асад денеска изјави дека „агресивните потези“ на поединечни западни држави против неговата земја само ќе ја засилат одлучноста на Сирија да го одбрани својот суверенитет.
– Неодамнешните напади само ќе ја засилат одлучноста на Сиријците да го бранат својот национален суверенитет и право сами да одлучуваат за својата иднина, посочи Асад по средбата со шефот на иранскиот парламентарен одбор за национална безбедност и надворешни работи Алаедин Боруџерди.
Асад наведе и дека повторно е исцртана меѓународната мапа и оти неодамнешната „ескалација на насилство против Сирија“ е знак дека бунтовниците не успеале и оти Дамаск е се поодлучен да го порази тероризмот.
На средбата била потенцирана желбата на Сирија и Иран да „ја зајакнат билатералната стратешка соработка“.
– Заверата на САД, нејзините сојузници и регионални соучесници е поразена во Сирија, изјави Боруџерди.