Во реакциите на водечките светски медиу ми и агенции многу малку е посветено простор за демократскиот амбиент во кој се спроведоа парламентарните, покраинските и локалните избори во Србија и за ефектите од неучеството на дел од опозициските партии
Претседателот Александар Вучиќ, со убедливата победа на својата Српска напредна партија на парламентарни избори, го зацврсти своето владеење во земјата. По освојувањето на апсолутното мнозинство за составување на новата српска влада, тој ќе се соочи со зголемен притисок од Западот за продолжување на преговорите на Косово, што треба да доведе до признавање на неговата независност. Последните избори во Србија се спроведоа во „специфична“ политичка и демократска атмосфера во земјата, поради поделената опозиција и разнишаната доверба на граѓаните во лидерите на опозициските партии, кои не успеаја да ги надминат разликите и личните суети, за постигнување заедничка стратегија за симнување од власт на Вучиќ. Бојкотот за кои се залагаше дел од опозицијата, ако се гледа преку одзивот на денот на изборите, може да се сфати како делумен успех, (одзивот е околу 48 отсто што се должи и на стравот на граѓаните од коронавирусот).
Како „успех“ за заговорниците за бојкот, е тоа што во српското собрание, практично ќе нема сериозна опозиција што ќе може посериозно да се спротивстави на политиките на Александар Вучиќ, кој и досега земјата ја водеше на „апсолутистички“ принципи. Учеството на Социјалистичката партија, (со освоени 10,6 отсто од гласовите), која и досега беше верен коалициски партнер на СНС, не може да се смета за опозиција, доколку актуелниот српски претседател одлучи да не ги земе во новата влада. Поминувањето на изборниот праг од Српската патриотска алијанса и три листи од малцинските партии не може да битно да влијаат на промената на сликата за воспоставување на еднопартискиот систем во Србија.
Во реакциите на водечките светски медиуми и агенции многу малку е посветено простор за демократскиот амбиент во кој се спроведоа парламентарните, покраинските и локалните избори во Србија и за ефектите од неучеството на дел од опозициските партии. Фокусот на меѓународното внимание е насочен кон тоа дека по големата победа Александар Вучиќ го чекаат сериозни преговори во Вашингтон за наоѓање компромисно решение за косовскиот спор.
„Ројтерс“ истакнува дека идната влада се соочува со зголемен притисок од ЕУ и од САД за официјален Белград да го признае Косово, што се смета за клучно прашање за стабилноста на регионот. Вучиќ веќе осум години се обидува да ја консолидира контролата над српската демократија, оценува АФП, додавајќи дека изборите следуваа по новиот бран популарност на Вучиќ, заради одржување на ситуацијата со коронавирусот. Набљудувачите велат дека моќта на Вучиќ лежи во неговата манипулација со медиумите, со тоа што неколку медиумски куќи служат како пропагандна машинерија на СНС, додека „Фридом хаус“ неодамна ја класифицира Србија како „хибриден режим“.
Изборниот резултат е доволен СНС на Вучиќ да ги менува законите во парламентот без пречки. Победата ќе му овозможи на Вучиќ да ја засили својата политичка доминација во земјата, која започна кога тој се претвори од огнен националист во проевропски премиер во 2014 година, со Косово и да се движи по безбеден пат за членство во ЕУ. Но притисокот за договорот расте, подвлекува „Блумберг“.
Во наредниот период ќе се дознае дали големата победа на СНС ќе има и горчлив вкус за Вучиќ и за мнозинството граѓани што се одлучија на овие избори да му дадат безрезервна поддршка за политиката што тој ја застапуваше, а се однесуваше и на Косово, со форсирање на идејата за разграничување и размена на територии. Засега тој ја има и нескриената поддршка од меѓународната заедница, која на Вучиќ гледа како на политичар што единствено може да ја преземе и одговорноста за конечното решавање на косовското прашање. Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеи, рече дека ЕУ е решена да ѝ помогне на Србија да оствари брз напредок кон ЕУ и да го поддржи нејзиното економско закрепнување по кризата со ковид-19. „Важен ден за Србија со парламентарни и локални избори. Нестрпливи сме да работиме со новата влада на реформите поврзани со ЕУ“, напиша Вархеи на Твитер, како реакција на парламентарните избори во неделата во Србија.
Ерик Горди, професор по политичка социологија на Отсекот за славистички и источноевропски студии на Универзитетот во Лондон, во изјава за Радио Слободна Европа, вели дека лидерот на СНС нема да има повеќе можност да ја префрла вината за своите неуспеси, а тоа особено се однесува за претстојните преговори со Косово.
Како најголем недостаток на завчерашните избори во Србија е тоа што во идниот парламентарен состав ќе нема пратеници и политички партии што ќе ги застапуваат интересите на средната граѓанска класа. По гласањето, Александар Вучиќ изјави дека СНС победила насекаде, особено во странство од Чикаго, Берн, Виена, Москва, додавајќи дека во Република Српска освоила 90 отсто од гласовите.
Претседателот на Социјалдемократската партија и поранешен претседател на Србија Борис Тадиќ излезе со коментарот дека „Вучиќ го уништил политичкиот живот во земјата“. Водачот на опозицискиот Сојуз за Србија Драган Ѓилас, кој ги бојкотира изборите, изјави дека „Србија кажала не“ за Александар Вучиќ, со оцена дека бојкотот е успешен и оти власта што ќе биде формирана ќе нема легитимитет.