Генералната секретарка на германската Христијанско демократска унија (ЦДУ) Анегрет Крамп-Каренбауер е избрана за нов лидер на партијата, која на таа позиција ќе ја наследи канцеларката Ангела Меркел, јави ДПА. Крамп-Каренбауер, долгогодишна сојузничка на Меркел, победи во вториот круг од гласањето на конгресот на ЦДУ во Хамбург, победувајќи го Фридрих Мерц. За неа гласаа 517 делегати, а Мерц доби 482 гласа. Иако нема да раководи со партијата, Меркел има намера да остане канцелар до крајот на четвртиот мандат, кој истекува на крајот на 2021 година.
Крамп-Каренбауер ја презеде функцијата генерален секретар на ЦДУ во 2018 година. Пред тоа, во периодот 2011-2018, беше првиот премиер на германската покраина Сарланд, и воопшто четврта жена, која раководела некоја од германските сојузни држави. Таа во периодот 2000-2004 беше министерка за внатрешни работи на Сарланд, исто така, прва жена што била на оваа функција во Германија.
Новата претседатела на ЦДУ често ја опишуваат како „малата Меркел“. Тие две се многу блиски. Со Меркел, како што наведуваат германските медиуми, ја поврзуваат многу лични случувања. „Дојче веле“ сепак оценува дека на Крамп-Каренбауер сепак нема да ѝ биде лесно. Таа гласно упати и мала критика на сметка на Меркел, досегашното владеење на т.н. голема коалиција го опиша како „железно време“.
Меѓутоа, кога станува збор за политичките теми, таа засега речиси воопшто не отстапува од линиите што ги поставила Меркел.
Паул Зјемјак именуван за генерален секретар на ЦДУ
Новоизбраната наследничка на Ангела Меркел на чело на Христијанско демократската унија (ЦДУ) Анегрет Крамп-Каренбауер го именува младиот конзервативец, 33-годишниот Паул Зјемјак за нов генерален секретар на партијата. Медиумите оценуваат дека со именувањето на Зјемјак, кој е актуелен лидер на младите на ЦДУ, Крамп-Каренбауер настојува да изгради мостови со ривалите за лидерската позиција, кои ги победи на партискиот конгрес во Хамбург.
Педесет и шестгодишната Крамп-Каренбауер со тоа покажува дека е решена да ги спречи трајните поделби во партијата и да им даде повеќе простор на конзервативците и на помладите членови за да се слушне и нивниот глас. Функцијата генерален секретар на ЦДУ, која се занимава со дневна политичка стратегија на партијата, досега ја извршуваше токму Крамп-Каренбауер. Зјемјак за оваа позиција немаше противкандидати, а ја доби поддршката од 62,8 отсто од партиските делегати на конгресот.