Стравотна експлозија во престолнината на Либан
Подготвил: Дејан Србиновски
Над 2.750 тони амониум нитрат експлодираа во магацин за пиротехника во пристаништето во главниот град на Либан, што предизвика стравотна експлозија, во која засега загинаа над 120 лица, а околу 4.000 се повредени и бројот сѐ уште расте. Експлозијата го срамни со земја поголемиот дел од пристаништето и оштети голем број згради во градот, а според податоците на германскиот геонаучен центар ГФЗ, детонацијата била еднаква на земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала. Ден по експлозијата либанските спасувачки екипи сѐ уште ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани лица, додека воените хеликоптери се обидуваат да ги изгаснат пожарите што беснеат на пристаништето како резултат на катастрофата.
Според агенцијата Асошиејтед прес, причината за хаваријата сѐ уште не е позната е сѐ уште е во тек истрагата за најсилната експлозија која се случила во градот што претрпе граѓанска војна, конфликти со Израел и терористички напади. Либанскиот премиер Хасан Диаб по стравотната експлозија веднаш излезе и изјави дека експлодирале 2.750 тони земјоделско ѓубриво амониум нитрат што со години се чувало во складиште во пристаништето, предизвикувајќи „целосна катастрофа“ во градот. Тој истакна дека опасната хемикалија била во магацините од 2014 година, а шест години никој не ја проверил. За ова се огласи и претседателот на Либан, Мишел Аун, кој вчера на Твитер напиша дека „не може да прифати што 2.750 тони амониум нитрат биле складирани небезбедно цели шест години“ и бил темпирана бомба. Врховниот совет за одбрана на Либан во текот на изминатиот ден ѝ препорача на Владата да прогласи двонеделна вонредна состојба во Бејрут.
– За време на овој период врховната воена власт ќе ги има сите овластувања за прашањата за безбедност – се наведува во соопштението од седницата на Врховниот совет за одбрана.
Во меѓувреме владите низ светот изразија сочувство за жртвите во Бејрут и му понудија помош на Либан. Државите од Персискиот Залив беа меѓу првите земји што ветија итна помош. Како што пренесува АП, Катар планира да испрати теренски болници за згрижување на илјадниците повредени. Во исто време, Кувајт се согласи да испрати итна медицинска помош. Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади најави дека неговата земја е подготвена да испрати каква било помош што сега му е потребна на Либан. Од европските земји, Франција прва најави дека ќе испрати екипи на цивилна заштита и „неколку тони медицинска опрема“ во Бејрут.
– Лекари за итна помош ќе отидат во Бејрут што е можно побрзо за да помогнат во болниците – објави на Твитер францускиот претседател Емануел Макрон.
По Франција и Германија, и САД исто така понудија своја помош. Инаку, според она што се знае досега од извештаите на медиумите, пратката амониум нитрат што завчера предизвика експлозија пристигнала во Либан во септември 2013-та, на руски брод што пловел под молдавско знаме. Како што јави Си-ен-ен, бродот пловел од Грузија кон Мозамбик и наводно бил присилен да се закотви во Бејрут поради технички проблеми, меѓутоа по ова либанските власти го спречиле тој повторно да исплови и со текот на времето бродот бил напуштен од екипажот и сопствениците. Во меѓувреме либанските власти најавија целосно расветлување на случајот во деновите што следуваат.
Што е амониум нитрат и зошто е толку опасен?
Како што се наведува во првичните заклучоци на либанските власти, силната експлозија што разори делови од градот Бејрут и однесе повеќе од 100 животи е предизвикана од експлозија на хемиското соединение амониум нитрат (НХ4НО3). Станува збор за природна, лесно растворлива супстанција, во кристален облик, која во најголеми количества ја има во пустината Атакама, во Чиле. Се нарекува и чилска шалитра или само шалитра. Во индустријата се произведува и лабораториски, како евтино вештачко ѓубриво со висока содржина на азот. Во исто време, таа компонента се користи и во индустриските експлозиви за минирање во рударството. Сам по себе, амониум нитратот не е лесно испарлив ниту опасен, но под одредени околности може да стане смртоносен.
Трамп смета дека Бејрут е нападнат
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека генерали на американската армија му пренеле дека експлозијата во Бејрут, во која загинаа најмалку 120 лица, е предизвикана од „некаков вид бомба“.
– Се сретнав со некои од нашите големи генерали и изгледа тие мислат дека тоа не е настан предизвикан од некаква фабричка експлозија… Се чини дека тие мислат дека станува збор за напад. Тоа било еден вид бомба – рече Трамп.
МО: Македонските војници во Либан се безбедни
Министерството за одбрана вчера изрази длабоко сочувство за жртвите во разорната експлозија во Бејрут и информира дека нашите тројца војници во УНИФИЛ во Либан се ангажирани надвор од главниот град и се безбедни.
– МО изразува длабоко сочувство за жртвите во разорната експлозија во Бејрут, Либан. Ве информираме дека припадниците на армијата на Македонија во мисијата на Обединетите нации во Либан, УНИФИЛ, се безбедни и сигурни – се наведува во соопштението на МО.