Метју (13), момчето кое го привлече вниманието на јавноста во САД откако со огнено оружје и на течен англиски му се закануваше на американскиот претседател Доналд Трамп во пропагандното видео на Исламска држава (ИД), е пресреќно што се вратило во САД и конечно го оставило пеколот на војната зад себе, пренесува Би-би-си.
Метју сега има 13 години и повторно живее со неговиот биолошки татко во САД, откако во 2018 година се вратил дома благодарение на американската војска.
– Пресреќен сум што тој дел од мојот живот е позади мене – вели Метју.
Метју бил одведен во Рака откако неговиот очув, Муса Ел Хасани, ја измамил неговата мајка Сем ел Хасани да отпатуваат на територијата контролирана од терористичката организација, по одморот во Турција во 2015 година.
На 10-годишна воздраст, Метју бил принуден од неговиот очув да научи да мести самоубиствен елек, да ракува со пушки и да настапи во видео во кое го предупредува Доналд Трамп дека „војната наскоро ќе се води на американско тло“.
Неговиот очув Ел Хасани, кој бил снајперист на ИД, загинал во напад со беспилотно летало во 2017 година, додека неговата мајка Саманта беше осудена на шест и пол години затвор за финансирање на тероризам.
Кога стигнале во Рака, осумгодишниот Метју се обидел да се прилагоди и адаптира на новиот живот. Тој го опишува престојот таму како „бучен, проследен со постојани пукотници и далечни експлозии“.
Во 2017 година, мајката на Метју стапила во контакт со нејзината сестра, со очајнички повик за помош. Мејлот кој го испратила имал и застрашувачки видеозаписи, во кои Метју бил учен од неговиот очув како да склопува пушки и да стави самоубиствен елек на себе, доколку „американски војници дојдат за да ги спасат“.
Но, она што најмногу ја вознемири американската јавност беше пораката упатена кон американскиот претседател Трамп.
– Мојата порака до Трамп, марионетата на Евреите: Алах ни вети победа и тој ви вети вам пораз. Оваа битка нема да заврши во Рака или Мосул, туку ќе заврши во вашата земја. Подгответе се, затоа што борбата штотуку започнала – биле зборовите кои Метју бил приморан да ги научи и да ги рецитира.
Метју објаснува дека морал да биде покорлив и послушен кон неговиот очув, бидејќи Ел Хасани честопати имал испади на бес и изгледал како да е психички нестабилен. Кога Ел Хасани бил убиен, Метју и неговото семејство почувствувале голема среќа.
– Мислам дека не требаше да бидам среќен, затоа што, сепак, едно лице почина, но јас бев. Сите плачевме од радост – објаснува Метју.
Во интервју за „Фронтлајн“, Метју објасни и како се чувствувал кога повторно се вратил во САД.
– Чувството беше како да сте цел ден облечени во тесна облека, тесни чорапи и чевли, а потоа да го соблечете сето тоа и да се релаксирате во топла бања. Чувствував олеснување, а чувството беше предобро – вели Метју.