Момчето, кое на течен англиски, му се закануваше на американскиот претседател Доналд Трамп, држејќи огнено оружје, во пропагандното видео на Исламска држава (ИД) во август 2017, го привлече вниманието на јавноста во САД, по што тамошните медиуми успеаја да ја откријат неверојатната приказна на неговото семејство.
Станува збор за семејство кое го замени удобниот живот во Индијана, САД, за преселбата во сирискиот град Рака, кој беше своевидна престолнина на ИД, за потоа да падне во заробеништво на курдските сили, каде што филмскиот режисер Џош Бејкер, неодамна, ги пронајде момчето и неговата мајка, Американката Сем ел Хасани, заедно со нејзините преостанати три деца, пренесува „Фронтлајн“. Тие, моментно, се наоѓаат во северна Сирија.
Таа, во нејзиното прво интервју по бегството од ИД, истакна дека нејзиниот сопруг, мароканскиот државјанин Муса, ја измамил да отпатува на територијата контролирана од терористичката организација. Ел Хасани тврди дека сопругот ја однел на одмор во Турција во 2015 година, заедно со нивните две деца, по што ја натерал да ја преминат границата со Сирија.
– Имавме убав живот во првите пет години од бракот. Работевме заедно, правевме многу работи заедно. Тој ми купуваше убави нешта. Јас возев „БМВ“, а тој „Порше“. Но, завршивме во Рака. Веднаш му кажав дека е луд и дека ќе заминам, на што тој, со насмевка, ми одговори – слободно. Можеш да се обидеш, но нема да успееш – вели Американката.
Семејството Ел Хасани живееше во Рака две години, каде што им се родија уште две деца. Американката додава дека била обвинета за шпионажа, откако се обидела да најде некој што ќе и помогне да избега. Нејзиниот десетгодишен син, чие вистинско име е Метју (во ИД бил познат како Јусeф), бил приморан да се појави во пропагандното видео.
Ел Хасани и нејзините деца успеале да избегаат, откако Муса бил убиен во воздушен напад во 2017 година, борејќи се како снајперист за ИД. Таа и нејзиното семејство потоа биле заробени од курдските сили. Сега, Ел Хасани е загрижена поради можното враќање во САД, бидејќи стравува дека ќе го загуби старателството врз децата.
Приказната на ова семејство покрена прашања околу начинот на кој САД требаат да постапуваат со американските државјани кои биле припадници на ИД. Се проценува дека околу 300 жители на САД се приклучиле на ИД од 2011 година.