Голем број работници и обезбедување утрово пристигнаа на Беверли Хилс и ќе работат до доцните часови во ноќта, во пресрет на денот на претседателските избори во САД. Нивната задача е да ги забарикадираат 70-те продавници на „Родео Драјв“ и да ги заштитат од можни грабежи, поради страв на сопствениците од насилство предизвикано од незадоволните гласачи, пренесува „Вашингтон пост“.
– „Ферагамо“ е забарикадиран, „Прада“, „Долче и Габана“ исто така. „Родео Драјв“ е меѓу најпосакуваните улици во светот, што значи дека сме една од најголемите цели на ограбувачите. Она што не го поздравуваме се луѓето со лоши намери, кои се тука за да уништуваат имоти – вели Кети Гохари, потпретседател на Комитетот за „Родео Драјв“.
Трговците низ САД преземаат големи мерки и трошат милиони долари со цел да ги заштитат своите дуќани за време на претседателските избори. Изборите се најновиoт предизвик за трговците кои беа силно погодени од пандемијата на коронавирусот и летото проследено со граѓански немири.
Убиството на Џорџ Флојд на 25 мај предизвика протести низ целата земја, а продавниците беа вандализирани, поради што некои трговци нагло затворија локации, а други одлучија да ја зголемат безбедноста. Трговците велат дека неодамнешниот вандализам и серија грабежи резултирале со загуби од десетици милиони долари и големи трошоци за обнова.
– Како што се приближувавме до изборите, сите ги забележуваме истите знаци на немир, нелагодност и вознемиреност. Постојано мораме да бидеме на штрек, во подготвена позиција, како да сме во некој спортски меч, за да одговорите на што и да претстои потоа – вели Стефани Марц, главен административен службеник и генерален советник на „Националната федерација за малопродажба“.
Голем број гласачи очекуваат протести доколку Трамп победи на изборите
Според податоците од анкетите објавени вчера од „Економист“ и „ЈуГов“, повеќето гласачи очекуваат протести ако Доналд Трамп победи на изборите, во однос на евентуалната победа на Џо Бајден.
Трамп им порача на своите поддржувачи дека гласањето по пошта, кое е охрабрено од страна на демократите, може да доведе до голема изборна измама. Некои експерти сметаат дека доколку загуби на изборите, Трамп нема веднаш да ја напушти Белата куќа, што би довело до насилни протести. Без разлика кој ќе победи, некои поголеми градови веќе подготвија планови за непредвидени ситуации за ноќта на изборите.
Според анкетата, 58 отсто од гласачите во САД веруваат дека ќе следат масовни протести доколку Трамп биде реизбран на изборите. Доколку, пак, Бајден победи, 22 отсто од анкетираните сметаат дека има голема веројатност дека ќе дојде до протести.
Во септември, Трамп за „Фокс њуз“ рече дека ако има демонстрации ноќта на изборите, неговата администрација ќе ги спречи „за неколку минути“.