Американскиот сенатор Марко Рубио на Твитер стави фотографија од убиството на либискиот водач Муамер Гадафи како порака за венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Меѓутоа, таквата „суптилна закана“ наиде на целосна осуда на социјалните мрежи. Корисниците на Твитер, меѓу другото, на сенаторот му порачаа дека има многу лош вкус.
Рубиo, покрај фотографијата на која е прикажано брутално малтретирање на Гадафи, стави уште една на која се прикажува Гадафи во периодот, кога е на врвот од својата моќ.
– Бидејќи Америка јасно се спротивстави на Николас Мадуро во венецуелската криза, која се влошува секој ден, пораката на Рубио е сосема јасна- коменира РТ (Раша тудеј).
Иако Рубио добил и неколку „лајкови“ и позитивни коментари на споредбата што ја направил, повеќето корисници на Твитер ја осудуваат таквата отворена закана за Мадуро, наведувајќи дека Либија и не е многу добар пример за „демократско“ мешање на САД во внатрешната политика на некоја земја. Некои напишале дека тоа е „болно и изопачено“.
Во Венецуела вчера имаше нови судири меѓу демонстрантите и припадниците на венецуелската Национална гарда на границата со Бразил.
Десетици венецуелски бегалци во Бразил дојдоа до границата на нивната земја во пограничниот град Пакарајм. Толпата ги каменуваше венецуелските сили кои одговорија со солзавец.
Бразилската ТВ станица „Глобо“ емитуваше снимка на која се гледа како бразилски војник се приближува до границата и ги повикува венецуелските војници на смиреност, а од демонстрантите и новинарите побара да се повлечат.
За тоа време, ривалот на претседателот Мадуро, Хуан Гуаидо отпатува за Колумбија каде беше пречекан со почести на државник.