Официјален Вашингтон порача дека пристигнувањето на бродот „Форт Мекхенри“ ја потврдува посветеноста на САД на безбедноста на Црно Море и оти ги засилува врските со американските сојузници од НАТО и партнери во регионот. Тензиите во Црно Море и натаму се високи, откако три украински брода во ноември навлегоа во територијалните води на Русија
Американски воен брод пристигна во водите на Црно Море, каде што тензиите и натаму се високи, откако три украински брода навлегоа во територијалните води на Русија во ноември. Во инцидентот беа ранети неколку украински морнари, а десетина беа приведени од руските безбедносни сили. Командантот на 6-та американска флота, Лиса М. Франчети, порача дека пристигнувањето на бродот „Форт Мекхенри“ ја потврдува посветеноста на САД на безбедноста на Црно Море и оти ги засилува врските со американските сојузници од НАТО и партнери во регионот.
– Бродот „Форт Мекхенри“ е на редовна тура со шестата флота за спроведување операции со сојузниците и партнерите, за зајакнување на безбедноста и стабилноста во Европа – истакна Франчети.
Таа исто така потсети дека американската морнарица рутински оперира во Црно Море, во согласност со меѓународното право. Шест американски воени брода беа распоредени на мисии во областа во 2018 година, вклучувајќи ги и разурнувачите со крстосувачки проектили „Рос“, „Карни“ и „Портер“, како и командниот брод „Маунт Витли“.
Водите на Црно Море и понатаму се турбулентни во Црно Море, по инцидентот со украинските бродови во Керчанскиот Теснец, кој се наоѓа помеѓу Крим и копното на Русија. Украинскиот потег доведе до повеќечасовна поморска потера и кулминира со инцидент во кој руската крајбрежна стража повеќепати стрелаше кон навлезените бродови. Во инцидентот немаше загинати лица, но украинските бродови беа запленети, а нивните морнари ги очекува судење во Русија.
Администрацијата во Вашингтон го оцени инцидентот како руска агресија, а поради него беше откажан долгоочекуваниот самит помеѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин. Специјалниот американски претставник за Украина, Курт Вокер, ги повика САД да го засилат присуството во Црно Море, во соработка со Турција или Европската Унија. Истовремено, украинскиот заменик-министер за окупирани територии Јури Хримчак дури и ја повика британската морнарица да испрати еден брод низ Керчанскиот Теснец.
– Ќе биде интересно да се види како ќе реагираат Русите – порача Хримчак.
Претходно, советникот на украинскиот претседател, Јури Бирјаков, најави дека Киев повторно планира да испрати свои бродови низ Керчанскиот Теснец.
– Ќе го направиме тоа, без разлика дали на Русите им се допаѓа или не – додаде Бирјаков.
Официјална Москва повеќепати порача дека не се противи на тоа украински бродови да поминуваат помеѓу Црно и Азовско Море, но инсистира на почитување на договорената процедура, според која Киев однапред треба да ја информира руската страна за своите планови за пловење. Русија исто така предупреди дека присуството на американски и бродови на НАТО во Црно Море само дополнително ќе ги зголеми тензиите и оти ја изложува Европа на воен конфликт.