Претставничкиот дом на САД убедливо со огромно мнозинство донесе резолуција со која го прогласи масовното убивање на Ерменците во Отоманската Империја за геноцид, а потоа го поддржа воведувањето санкции за Турција поради Сирија.
Претставничкиот дом, во кој демократите имаат мнозинство, гласаше со 415 гласа „за“ и 11 „против“ резолуцијата со која се одбележува ерменскиот геноцид, односно османлиското убивање на 1,5 милион Ерменци од 1915 до 1923 година.
Во резолуцијата се вели дека американската политика ги отфрла сите напори за поврзување на американската влада со напорите да се негира постоењето на ерменскиот геноцид и ги поттикнува образованието и јавните дискусии за ерменскиот геноцид.
Турција цврсто негира дека се случил геноцид врз Ерменците.
Турското Министерство за надворешни работи ја отфрли резолуцијата велејќи во соопштение дека очигледно е дизајнирана и објавена за внатрешна употреба и е лишена од каква било историска или правна основа, објави новинската агенција „Анадолија“.
Според официјалниот став на Анкара, меѓу 300.000 и 500.000 Ерменци починале од 1915 до 1923 година, но најмногу поради немирите за време на Првата светска војна.
Голем број парламенти, вклучително и францускиот, германскиот, италијанскиот, рускиот и канадскиот, го потврдија геноцидот врз Ерменците.
Набргу по усвојувањето на резолуцијата, пртениците со големо мнозинство го поддржаа усвојувањето санкции против Турција за офанзивата во северна Сирија со 403 гласа „за“ и 16 „против“.
Со одредбата се бара замрзнување на имотот на високи турски официјални претставници во САД и забрана за продажба на оружје на Турција.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, ја оцени одлуката како срамна и рече дека САД се обидуваат да се одмаздат затоа што Турција се замеша во американските планови во Сирија спроведувајќи ја својата операција „Извор на мирот“.
-Оние што веруваат дека на тој начин ќе се одмазадат, грешат. Оваа срамна одлука на оние што историјата ја користат во политиката не значи ништо за нашата влада и народ – напиша Чавушоглу на Твитер.