Во неговата 30-годишна кариера како еден од најголемите наркобосови во Мексико, Хоакин Гузман Лоера, попознат како Ел Чапо, заработил толку многу пари што тој поседувал неколку огромни јахти, флота на авиони и приватна зоолошка градина со тигри, крокодили и пантери. Неговото богатство беше толку големо што тој четири пати беше именуван во годишната листа на милијардери на „Форбс“, пренесува „Њујорк тајмс“.
Федералните обвинители во САД успеаја целосно да ги пресметаат неговите заработки, точно и прецизно до секој долар и започнаа постапка за враќање на овие пари.
Минатата недела, обвинителите поднесоа барање за конфискација на имотот на наркобосот, објавуваќи детална анализа за тоа, како тој, преку трговијата со дрога, остварувал огромни профити.
Од почетокот на 90-тите години до неговото апсење во 2016 година, обвинителите велат дека Ел Чапо тргувал со 600 илјади килограми кокаин вредни повеќе до 11 милијарди долари, 200 килограми хероин вредни повеќе од 11 милиони долари и најмалку 420 килограми мархуана во вредност од 846 милиони долари. Крајниот баланс – 12.666.181.704 долари.
Иако овие бројки изгледаат навистина неверојатно, обвинителите потенцираа дека ова е конзервативна проценка на вкупното количество на дрога со која Ел Чапо тргувал за време на неговиот „мандат“ како главен наркобос на северноамериканскиот континент.
Обвинителите открија дека пресметките ги направиле по исказите добиени од сите негови добавувачи, односно од Хуан Карлос Рамирез Абадија, Хорхе Сифуентес-Вилја и Луис Каиседо, познат како Дон Лучо.
– Во овој момент, останува нејасно како владата ќе се обиде да врати 12,7 милијарди долари – констатираат од „Њујорк тајмс“.
Познато е дека Ел Чапо и неговата криминална организација биле многу способни во перењето на пари. Тој дел од своите заработки ги криел во банкарскиот систем, дел преку осигурителни компании и дел преку дебитни картички издадени од фирма во Колумбија.
Хоакин Гузман Лоера во моментов останува во притвор во високообезбедениот затвор на Менхетен, каде што ја чека пресудата за сите негови криминални дела, а извесно е дека ќе добие доживотна казна затвор.