Апсењето на Џефри Епстајн загрижи многумина од неговите влијателни пријатели, бидејќи озлогласениот „црни тефтер“ и евиденцијата од летовите на приватниот авион на богатиот финансиер содржат долга листа на познати имиња, вклучувајќи гo и творецот на брендот „Викторијас сикрет“ Лесли Векснер и поранешниот американски претседател Бил Клинтон, објавува Блумберг.
Американското обвинителство апелираше до сите што имаат информации за Епстајн да истапат и да ги споделат со истражителите. Ваквиот повик претставува јасна порака за јавните личности кои ги посетувале раскошните забави на Епстајн или патувале со неговиот приватен авион, наречен „Лолита експрес“ од страна на таболидите“. Пораката гласи – обратете ни се нам, пред да ве побараме.
– Подобро е сами да го посетите Министерството за правда на разговор и да кажете што сте виделе, наместо да ги терате да ве бараат – вели Џејкоб Френкел, поранешниот федерален истражител.
Постојано се појавуваат нови информации за наводните злодела на Епстајн кои датираат и до 2002 година. Детали за „црната книга“ на финансиерот која содржи околу илјада имиња, своевремено беа објавени во медиумите во 2015 година. Осомничениот има познанства со голем број на политичари, бизнисмени и славни личности, меѓу кои се спомнуваат актуелниот американски претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Бил Клинтон, британскиот принц Ендрју, актерот Кевин Спејси…
Јавниот обвинител од Менхетн, Џефри Берман, упати апел до сите кои имаат информации за случајот да се јават на линијата воспоставена од страна на Федералното истражно биро (ФБИ).
Епстајн се соочува со обвинувања за сексуално искористување на малолетни девојки во неговата вила на Менхетн, се заканува да предизвика голем политички скандал во САД, пренесуваат американските медиуми. Обвинителството го отвори случајот по повеќе од 10 години откако широко критикувана спогодба го заштити Епстајн од слични обвиненија на Флорида.
Според обвинението познатиот бизнисмен предводел операција за секс-трговија која намамила голем број на малолетни девојки на возраст од 13-14 години во неговиот дом, во периодот помеѓу 2000 и 2005 година. Тој беше уапсен во саботата на аеродром во Њу Џерси, по неговото враќање од Франција. Епстајн се соочува со максимална затворска казна од 45 години. Властите идентификувале 36 потенцијални жртви, а медиумите проценуваат дека нивната бројка би можела да достигне стотина девојки.