Путин се закани директно како никогаш досега
Рускиот претседател Владимир Путин се обрати пред Федералното собрание, пратениците на Државната дума и Советот на федерацијата. Говорејќи за сè понапнатата ситуација во односите со Западот, рускиот претседател посочи дека сите веќе се навикнати на практиката на воведување санкции, но дека сега ситуацијата е надвор од контрола.
– Можеме да мислиме што и да е за (Виктор) Јанукович и (Николас) Мадуро, (Александар) Лукашенко, но практиката на организирање државни удари и политички убиства е нешто што е премногу, тие ги преминаа сите граници – истакна рускиот претседател во прилично остар тон.
Во исто време, сите се навикнати на практиката на незаконски санкции во економијата. Сега слична пракса прераснува во нешто поопасно. Го имам предвид обидот да се организира пуч и атентат врз претседателот на земјата во Белорусија, рече тој, додавајќи дека Западот не размислувал за Белорусија и Украина кога таму се случувале политички преврати, но дека секогаш постои навика во секоја прилика да се фатат за Русија.
– Тоа е како еден вид спорт – забележа Путин, а потоа директно се закани велејќи, „организаторите на какви било провокации против Русија ќе зажалат како никогаш досега.“
Според него, Русија има трпеливост и професионалност за какви било одмазднички мерки, предупредувајќи ги сите земји да не ја преминуваат црвената линија во односите со Русија.
– Ако некој крене висок и егоистичен тон кон Русија, таа ќе има со што да одговори – рече Путин.
Рускиот претседател го започна обраќањето на Федералното собрание на пратениците на Државната дума и сенаторите на Советот на Федерацијата точно напладне по руско време (11 часот по средноевропско време).
– Зачувувањето на народот на Русија е наш најголем приоритет. Стратегијата е да се постигне стабилен раст на населението – рече рускиот претседател, потенцирајќи ја важноста на вакцинацијата со цел развој на колективен имунитет, велејќи „решението на таа задача зависи само од нас.“
– Бев сигурен дека ќе ги надминеме сите проблеми, владата и општеството беа одговорни и солидарни – рече Путин.
Тој додаде дека руските научници направија голем успех за време на пандемијата, правејќи три сигурни вакцини против коронавирусот.
Традиционално, Кремљ не ги објавува темите на обраќањетоо Сепак, портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, најави дека тоа ќе биде „постковидно“ – посветено на надминување на кризата и поддршка на мерките. Постојат две главни области: социјалната сфера и инфраструктурните проекти.
Традиционално, Путин ќе коментира и за меѓународната политика – ескалацијата на тензиите во односите со САД, ситуацијата во Донбас, протерувањето на руски дипломати и нови санкции.
Претседателот на Советот на федерацијата, Валентина Матвиенко, очекува рускиот лидер да формулира нов координатен систем, а денешниот говор го нарече пресврт на новото време – најважниот политички и социјален настан оваа година.
Настанот се одржува во централната изложбена сала „Манеж“. Како што беше најавено, акредитирани се околу 450 претставници на медиуми. Сите сенатори, пратеници, новинари требаше да направат ПЦР-тест три пати за да бидат таму денес.