Некои велат дека Кју клукс кланот (ККК) било избрано за име на американската организација за бела надмоќ бидејќи е слично на звукот при репетирање на пушка, иако други докази сугерираат оти потекнува од грчкиот збор киклос, што значи круг. Тоа беше првичната цел на поразените војници на Конфедерацијата кои го оформија Кју клукс кланот во 1865 година – да ги опколат или убијат црномурестите Американци, пишува „Форин полиси“. Како што кланот стекнуваше моќ, ги изнесе и своите цели на виделина – промовирање на екстремните ставови на Конфедерацијата, сузбивање на правата кои Афроамериканците ги стекнаа по граѓанската војна, чинење на терористички акции за заплашување, уништување имот, особено на цркви, напади, линчувања и бесења… Овие дела беа извршувани за промовирање на белата надмоќ и за стекнување на политичка моќ.
Во годините по усвојувањето на амандманите во американскиот устав со кои се укинува ропството и се гарантираат основните права на некогашните робови, на федералната влада ѝ стана јасно дека ќе биде неопходна употреба на сила против тероризмот на ККК, за да се почитуваат новите права. Во 1871 година американскиот конгрес усвои низа уредби кои ѝ даваат пошироки овластувања на владата да ги надгледува изборите, а на американската војска ѝ овозможуваат употреба на сила за запирање на ККК. Една деценија подоцна Врховниот суд ја одзема моќта предвидена во актите, а отсуството на решителност го стори останатото.
До денес, десничарските групи, вклучувајќи ги оние за бела надмоќ, се одговорни за повеќе убиства во САД, отколку која било друга екстремистичка група.
Во изминатата деценија три четвртини од убиствата со екстремистичка поврзаност беа извршени од десничарските екстремисти. До средината на минатата година, насилството и апсењата на оние што се залагаат за бела надмоќ, ги надминаа бројките од 2018 година. А сепак, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го намали финансирањето на програмите чија цел е сузбивање на десничарскиот екстремизам, тврдејќи дека исламскиот екстремизам претставува поголема закана.
Но администрацијата сега се соочува со ново „страшило“ во агендата за антитероризам. Трамп на 31 мај соопшти дека ќе покрене постапка за извршна уредба со која Антифа ќе биде означена како домашна терористичка група. Антифа, што е кратенка за „антифашистички“, претставува левичарска организација составена од различни групи кои имаат цел да ги заштитат црномурестите луѓе од тероризмот на белците. Организацијата беше обвинета за причинување материјална штета за време на протести, особено за време на тековните по убиството на Џорџ Флојд, иако нема докази во полза на таквите тврдења.
Но, можеби е време за владата да создаде статут за домашен тероризам. Во поглед на институционалниот расизам и терор со кој се соочуваат црномурестите Американци во изминатите 400 години, зарем не е време ККК да биде укинат?
– Време е за федерален закон кој ќе ја означи ККК како домашна терористичка група. САД веќе не можат да ја игнорираат заканата од оваа расистичка организација или да го допуштат ширењето на нејзината терористичка пропаганда. ККК верува дека нејзините дела се оправдани бидејќи владата одбива да го забрани нејзиното постоење, без разлика на опасноста што ја претставува за јавната безбедност. Затоа, нашиот тероризам се протега до највисокото ниво на власт – до нашата влада. Од перспектива на Афроамериканците, Антифа можеби е наша единствена надеж – се заклучува во анализата на „Форин полиси“.