Американскиот државен секретар Ентони Бликен презема калкулиран ризик во првиот судир со Кина. Гледајќи ги кинеските колеги во конференциската сала во Енкориџ на Алјаска, тој го нарече Пекинг закана за „глобалната стабилност“, критикувајќи ги постапките на Кина поврзани со човековите права, трговијата, Хонгконг, Тајван и за низа други прашања, пред медиумите и телевизиските камери, пишува „Вашингтон пост“.
Овие забелешки имаа цел да ја демонстрираат самодовербата на администрацијата на Џо Бајден соочена со кинеската агресија и да постават основа за она што Блинкен го нарекува „најголемиот геополитички тест на 21-от век“.
Дводневниот состанок кој заврши вчера, уследи по засебната дипломатска препирка во која Бајден го потврди својот став за рускиот претседател Владимир Путин како „убиец“, што придизвика жесток одговор на Москва.
– За само два месеца, администрацијата на Бајден покажа изненадувачки силен апетит за реторички пресметки со најголемите ривали на Америка. Драматичниот ќорсокак послужи за разјаснување на новиот поглед на Вашингтон во ерата по Доналд Трамп, како и за создавање на непредвидливи и понекогаш хаотични исходи на полето на дипломатијата – пишува „Вашингтон пост“.
По четирите години на ератичниот стил на дипломатија на Доналд Трамп, многумина очекуваа Бајден да се врати кон традиционалниот пристап. Но новата администрација не ги избегнува конфронтациите со државните лидери и владејачките партии, растргнувајќи го прирачникот на стандардната дипломатска кореографија, се наведува во анализата на американскиот весник.
По средбата на Алјаска, уследи 17-минутна критика од страна на кинескиот дипломат Јанг Џиенчи против американскиот империјализам и неуспешните воени интервенции на САД во изминатите 20 години. Блинкен, пак, доби пофалби од неговиот шеф во Вашингтон, кој на сличен начин ги отфрли и критиките од Москва.
Несогласувањата со Русија и со Кина отвораат прашања за тоа дали Бајден ќе се обиде да создаде продуктивни односи со нив, или пак, конфронтацијата ќе стане вообичаена во неговиот пристап.