Австрија од денеска го презеде претседавањето со ЕУ, а прашањето за миграцијата е врвен приоритет на администрацијата на канцеларот Себастијан Курц.
Мотото на австриското претседателство е „Европа која ги штити”. Ова е третпат Виена да е на раководната позиција на ЕУ.
Освен миграцијата, на листата на приоритети се и преговори за Буџетот на ЕУ и проширувањето на Унијата на Западен Балкан.
Аналитичарите проценуваат дека ќе биде тешко да се постигнат конкретни резултати, делумно поради почетокот на кампањата за европските избори следната година, но, исто така, и поради застојот во преговорите за Брегзит.
Австриското претседателство на ЕУ на својата интернет- страница повика првенствено на безбедноста, истакнувајќи дека зајакнати граници помагаат во борбата против илегалната миграција.
Втор голем предизвик пред Австрија е напредокот околу преговорите за долгорочниот буџет на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 година.
Курц во текот на неделата ја повтори својата позиција дека е можно да се постигне договор пред изборите за Европскиот парламент.
Австрија сака и поголема интеграција на Западен Балкан во Унијата.
– Овој регион е дел од Европа по прашањата за економската и безбедносната политика, а се покажа како сигурен партнер за време на миграциската криза – се вели во соопштението на администрација од Виена.