Австрискиот министер за култура Герно Блумел денеска повика на построга контрола на границите на Европската Унија, како и на отворање на центри за обработка на барањата за азил кои ќе бидат надвор од Европа.
Повикот на Блумел, кој е член на владејачката конзервативна партија ОВП, доаѓа во пресрет на итниот самит на дел од земјите на Европската Унија, кои утре ќе разговараат за мигрантската криза. И Европската Комисија неделава ја отвори можноста за создавање центри надвор од ЕУ, на пример во северна Африка, каде сите што планираат да побараат азил во некоја од земјите на ЕУ ќе може да поднесат барања. На овој начин, сметаат во ЕУ, би се прекинал шверцот со мигранти кои по затворањето на балканската рута влегуваа најчесто со бродови, пловејќи од Либија до Италија. По формирањето на Владата на Конте во Италија, новиот министер за внатрешни работи Матео Салвини ја затвори и оваа рута.
На утрешната средба во Брисел ќе присуствуваат 16 држави членки на ЕУ. Таа беше свикана по кризата во Владата на Ангела Меркел во Германија, каде баварскиот коалициски партнер Хорст Зехофер се закани со повлекување од коалицијата доколку не се воведат построги контроли на гранците.