Авионската несреќа на летот на „Етиопијан ерлајнс“ во која загинаа сите 157 патници, претставува втор случај на уривање на еден од најновите модели на произведувачот „Боинг“ – 737 Макс 8, по летот на „Лајон ер“ кој се урна во Индонезија, во октомври минатата година, при што имаше 189 жртви, пренесува „Њујорк тајмс“.
Уште не се познати причините за несреќата во Етиопија, но надлежните лица ја испитуваат можноста падот да бил предизвикан од промената на автоматските контроли на авионот. Авиокомпанијата, пак, соопшти дека леталото било подложено на ригорозна контрола во февруари.
Авионот полетал при добри временски услови од меѓународниот аеродром во Адис Абеба, по што загубил контакт шест минути подоцна, според авиокомпанијата. Летот 302 се срушил на околу 55 километри од главниот град на Етиопија.
Пилотот претходно добил одобрување да го врати авионот на аеродромот во Адис Абеба, откако пријавил потешкотии при летањето, истакна директорот на „Етиопијан ерлајнс“, Тиволди Гебремаријам, на прес-конференција.
Истрагата за несреќата, заедно, ќе ја спроведуваат четиричлен стручен тим од САД, властите во Етиопија и надлежните служби на „Боинг“.
Пилотот Јарид Гетачу имал богато искуство со повеќе од осум илјади часови поминати во летање и бил сметан за доверлив. „Етиопијан ерлајнс“, пак, важи за една од најдобрите авиокомпании во Африка.