Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потребата за нуклеарна енергија може да создаде индустрија од 10 трилиони долари

  • За да се задоволи растечката побарувачка за глобална електрификација поттикната од енергетски интензивни проекти како што се центрите за податоци што ја поткрепуваат трката со развој на вештачката интелигенција, глобалниот нуклеарен капацитет ќе мора да се зголеми тројно до 2050 година, се проценува во извештајот на Банката на Америка. Се очекува инвестициите да достигнат повеќе од три трилиони долари во следните 25 години

Според новиот извештај на Банката на Америка, нуклеарната енергија претставува потенцијална глобална пазарна можност од 10 трилиони долари што може да го содржи „одговорот за недостигот од енергија во светот“.

Импулсот доаѓа од технолошкиот напредок

За да се задоволи растечката побарувачка за глобална електрификација поттикната од енергетски интензивни проекти како што се центрите за податоци што ја поткрепуваат трката со развој на вештачка та интелигенција, глобалниот нуклеарен капацитет ќе мора да се зголеми тројно до 2050 година, се проценува во извештајот. Се очекува инвестициите да достигнат повеќе од три трилиони долари во следните 25 години.
– Овој потенцијал за нуклеарна енергија има поголем импулс отколку порано. Постојат центри за податоци што бараат цврсто, диспечерско и чисто производство, а нуклеарната енергија може да го покрие тоа – изјави Тимоти Фокс, управен директор во „Клирвју енерџи партнерс“.

Зголемена е и политичката поддршка

Зголемената побарувачка, во комбинација со силната поддршка од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и јавниот наратив, кој станува позитивен по годините на мрачен поглед за секторот, годинава им даде поттик на цените на акциите на компаниите што работат низ целиот синџир на снабдување во нуклеарниот сектор.
– На многу начини нуклеарната енергија повторно е откриена – напишаа аналитичарите на Банката на Америка, во услови на зголемена побарувачка за електрична енергија предизвикана од порастот на вештачката интелигенција/центрите за податоци, изградбата на електрификација, индустрискиот раст и електричните возила“.
– Нуклеарната енергија е докажана технологија што може да обезбеди сигурна, евтина, чиста и безбедна енергија како мост до обновливи извори ако/кога ќе станат подготвени во поголем обем – објаснуваат истражувачите.

Дали да се бара одговорот во малите модуларни реактори

Фото: ЕПА

Според Банката на Америка, одговорот за задоволување на оваа побарувачка во услови на „повторно откривање“ на потенцијалните придобивки од нуклеарната енергија може да лежи во она што банката го нарекува „една од најзначајните енергетски технологии за следните 25 години“: мали модуларни реактори или СМР.
Малите модуларни реактори обично се дизајнирани да произведуваат околу 500 мегавати или помалку енергија во споредба со илјада мегавати или повеќе од традиционалната нуклеарна централа. За разлика од традиционалните нуклеарни централи на кои може да им требаат години – ако не и децении – за да се пуштат во употреба, СМР се поевтини и побрзи за изградба, со „модуларни“ делови што можат масовно да се произведуваат и да се спојат на склопна линија.

„Њускејл пауер“, единствената компанија во САД што има дизајн на СМР лиценциран од федералната Комисија за регулирање на нуклеарната енергија, изјави дека би можела да има реактор на пазарот до 2030 година ако сè оди според предвидените планови. „Окло“, стартап-компанија поддржана и, до неодамна, претседавана од шефот на „ОпенАИ“, Сем Алтман, објави намери за испорака на енергија до крајот на 2027 година. Акциите на „Њускејл“ и на „Окло“ се зголемија за повеќе од 100 отсто, односно повеќе од 350 отсто, соодветно, од почетокот на годината.
– Нема недостиг од побарувачка за овие реактори, со оглед на потребите за енергија во Соединетите Американски Држави предизвикани од центри за податоци и вештачка интелигенција – изјави аналитичарот за алтернативи и обновлива енергија, Викрам Багри.

Еден чекор порано во синџирот на снабдување, речиси сите комерцијално оперативни нуклеарни реактори бараат специфични видови гориво за да работат: ниско збогатен ураниум (ЛЕУ или ХАЛЕУ – збогатен до 20 отсто). Од друга страна, ураниумот за употреба во нуклеарно оружје бара збогатување над 90 отсто.

Приватната компанија „Луизијана енерџи сервисес“, како и „Сентрус енерџи“, се единствените оператори со лиценца за производство на ЛЕУ во САД. „Сентрус“ е единствената на која ѝ е дозволено да произведува високозбогатен ураниум, што ја прави критична компонента за потенцијалното градење на СМР и за нуклеарната индустрија во целина. Акциите на „Сентрус“ се зголемија за повеќе од 265 отсто во однос на претходната година. „Сентрус“ е во пораст за повеќе од 245 отсто во однос на претходната година. Двете споменати компании, исто така, претставуваат американска база во она што е интензивно геополитички сектор.

Голем раст на акциите во рударската индустрија

Збогатувањето на ураниумот долго време е доминирано од руски „Тенекс“. Но увозот на ниско збогатен ураниум во САД од Русија беше во голема мера забранет во 2024 година според Законот за забрана на увоз на руски ураниум.
– САД, некогаш најголемиот производител на ураниумско гориво во светот, сега во голема мера се потпираат на увоз, а напорите за обнова на домашното збогатување се во тек – напишаа аналитичарите на Банката на Америка.

На самиот почеток од синџирот на снабдување се компаниите што ископуваат ураниум од земјата. Тука, САД придонесуваат само со мал дел во глобалното снабдување, а Казахстан доминира на пазарот за рударство.

Акциите на американските компании од рударската индустрија „Јураниум енерџи“ и „Ју-ар енерџи“ пораснаа за повеќе од 80 отсто и повеќе од 30 отсто од почетокот на годината, соодветно. Акциите на „Енерџи фјуелс“ со седиште во Денвер пораснаа за повеќе од 170 отсто. „Глобал екс јураниум и-ти-еф“, кој ги следи компаниите поврзани со ураниум, е во пораст за повеќе од 65 отсто од почетокот на годинава. Спот-цената на ураниумот, пак, се зголемила за 3,4 проценти, според податоците на „Камеко“.
– Нуклеарната енергија не е иднината, туку сегашноста – изјави главниот инвестициски директор на „Хенион и Волш“, Кевин Ман, истакнувајќи дека неговата фирма очекува процентот на електрична енергија генерирана од нуклеарна енергија во САД да се зголеми тројно во следната деценија, од сегашното ниво од околу 19 отсто.

Како што наведоа стратезите од „Голдман и Сакс“ во извештај претходно годинава, „по децении стагнација, снабдувањето со нуклеарна енергија е подготвено значително да се зголеми во наредните години, како резултат на зголемената потрошувачка на енергија, насочувањето кон почиста енергија и потребата од извори на енергија што работат 24-часовно“. Е.Р.


Шведска нуди 23 милијарди долари за финансирање изградба на нуклеарни централи

Безбедно снабдување со електрична енергија е фундаментална функција на општеството

Шведската влада соопшти дека е подготвена да понуди 23,3 милијарди долари во кредити за комунални претпријатија за изградба на нови нуклеарни реактори, бидејќи нордиската земја се обврзува да развива повеќе нуклеарна енергија. Владата во 2023 година презентираше план за масовно зголемување на производството на нуклеарна енергија во земјата.
– Се соочуваме со одлучувачки момент за енергијата на Шведска. Безбедното снабдување со електрична енергија е фундаментална функција на општеството – изјави министерката за енергетика Еба Буш на прес-конференција.
Кон крајот на август, земјата соопшти дека избрала модуларни нуклеарни реактори за својата прва експанзија на нуклеарната енергија за 50 години. Три или пет од реакторите од следната генерација ќе бидат изградени во централата „Рингхалс“ во југозападна Шведска, обезбедувајќи околу 1.500 мегавати – еквивалент на два класични реактора.

Скандинавската земја гласаше на необврзувачки референдум во 1980 година за постепено укинување на нуклеарната енергија, а оттогаш затвори шест од своите 12 застарени реактори. Во петокот, владата соопшти дека предлага буџетска рамка за компаниите што бараат владини заеми – кои би биле поевтини од заемите обезбедени преку приватни финансиски институции – за финансирање на изградбата на нова нуклеарна енергија. Шесте активни реактори во Шведска моментално генерираат околу 30 проценти од нејзините потреби за електрична енергија. Е.Р.


Хрватска ќе гради три мали модуларни нуклеарни централи

Хрватска е на пат да се придружи на растечкиот број земји што се свртуваат кон нуклеарна енергија, со планови за изградба на најмалку три мали модуларни нуклеарни централи (СМР), според експертот за енергија Ивица Јакиќ. Зборувајќи во Студио 4 на ХРТ, Јакиќ објасни дека одлуката на владата доаѓа како дел од пошироките европски енергетски политики.
Јакиќ истакна како неодамнешните меѓународни договори, особено меѓу САД и Велика Британија, го забрзаа развојот на напредни нуклеарни централи. Европската Унија сега ја класифицира нуклеарната енергија како извор со ниска емисија на јаглерод, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неодамна ги нарече нуклеарните централи клучен дел од идниот енергетски потенцијал.
За разлика од традиционалните нуклеарни централи, малите нуклеарни централи се компактни, побезбедни и полесни за инсталирање. Тие користат напредни технологии, вклучувајќи течни натриумови соли, и се дизајнирани да работат независно без надворешни системи за ладење. Секој реактор содржи гориво за употреба до 20 години, со работен век од 50 до 60 години. Покрај тоа, тие можат да испорачаат до 500 мегавати енергија, па дури и да користат рециклирано нуклеарно гориво. Е.Р.