Кога претседателите на САД и Јужна Кореја, Џо Бајден и Јун Сук Јеол го соопштија склучувањето на историскиот договор за одвраќање на севернокорејската агресија, еден елемент од сојузништвото се издвои, пишува „Си-ен-ен“.
Станува збор за испраќање на американска подморница со нуклеарно вооружување во Јужна Кореја, за првпат уште од „вашингтонската декларација“ од 1981 година, што опфаќаше низа мерки насочени кон целта да го принудат Пјонгјанг да размисли двапати за нуклеарен напад врз јужниот сосед.
Но, додека ваквиот потег има голема симболична вредност, одредени експерти ја доведуваат во прашање оправданоста од воена гледна точка. Некои велат дека подморницата е способна да ја погоди Северна Кореја од голема оддалеченост со што не мора да биде во близина, а други сметаат оти испраќањето на подморницата на странско пристаниште ја компромитира нејзината ефективност, како оружје осмислено за тајно дејствување.
Позната како „бумер“, нуклеарната подморница со балистички ракети (ССБН) е една од 14-те од тој вид на американската морнарица. Секоја од нив носи до 20 балистички ракети „тридент 2“ со досег од 7.400 километри. Се проценува дека секоја ракета може да носи до четири нуклеарни боеви глави.
Бидејќи американските ССБН се потпираат на оперирањето во тајност и на стелт-технологијата за да ја зачуваат способноста за лансирање нуклеарни проектили во воени услови, тие ретко изведуваат јавни застанувања во странските пристаништа.
Осум од нив се во американската сојузна држава Вашингтон, а шест во Џорџија. Тие се дизајнирани за просечно да поминат 77 дена на море, а потоа 35 дена на пристаниште заради одржување.
Аналитичарите велат дека присуството на американската подморница во јужнокорејското пристаниште ќе биде чисто симболично, а со тоа ќе биде намален нејзиниот воен капацитет.
– Тактички, САД и Јужна Кореја го отфрлаат најмоќниот адут на подморницата, нејзината невидливост – вели поранешниот морнарички капетан Карл Шустер во изјава за „Си-ен-ен“.
Познавачите на состојбите наведуваат дека цел на испраќањето на подморницата во Јужна Кореја претставува уверувањето дека еден од најважните американски сојузници може да смета на поддршката на САД.