НАТО го губи трпението
Канада не ја покажа својата посветеност кон НАТО во однос на вложувањето во одбраната, веќе една деценија, со што стана исклучок во 32-члената Алијанса. Всушност, Канада не успеа да ги исполни целите за домашни воени трошоци, ниту барањата за финансирање за нова опрема и не планира да го стори тоа. А тоа е позиција што ги фрустрира сојузниците од Белата куќа и од Европа, членки на најголемата воена Алијанса.
На самитот во Вашингтон, Отава ќе биде „притисната“!
Според една анализа на реномираниот „Политико“, претставниците на членките на НАТО се очекува за време на тековниот самит во Вашингтон „да ја притиснат Отава да почне да троши повеќе за војската, предупредувајќи дека работите би можеле да станат многу полоши, ако Доналд Трамп се врати на Белата куќа“.
– Фактот дека Канаѓаните не се ни обидуваат да ги зголемат распределбите стана очигледен – рече Макс Бергман, поранешен службеник во Стејт департментот.
Можеби е изненадувачки што Канада стана проблематична членка, имајќи предвид дека се докажа за некои други важни прашања, како што е купувањето американско оружје до тесна координација со САД, пред да распореди војници во Ирак и Авганистан.
– Тие ќе продолжат да бидат тврдоглави бидејќи нема вистинска казна за неисполнување на обврските. Европејците се фрустрирани што нив ги критикуваат, додека во исто време Канада не го чувствува истиот притисок од Вашингтон – рече за „Политико“ еден анонимен член на американскиот Конгрес.
Една од 12-те основачки членки на НАТО, Канада, во 2014 година се обврза дека ќе потроши два отсто од БДП за одбрана. Годинава, 23 од 32-те членки на НАТО ќе ја постигнат целта за вложувањето, но не и Канада и Белгија. Сепак, Белгија најавува дека ќе ја постигне целта до 2035 година, додека не е познато кога ќе го направи тоа Канада.
Канадскиот случај е особено фрустрирачки, велат дипломатите, поради очигледната несериозност на Отава, и покрај значителните проблеми со застарената воена опрема. Војската на Канада е толку недоволно финансирана што половина од нејзината опрема се смета за „недостапна и неупотреблива“, се вели во интерен извештај.
Другата страна на медалот: Канада не гледа потреба за вложување!
– Канадската јавност навистина не ја гледа потребата за тоа. Ако бевме принудени да избираме помеѓу трошоците за одбрана, социјалните програми или даночните намалувања, одбраната секогаш ќе беше на последно место.
Значи, нема политичка корист од исполнувањето на ветувањата – рече Филип Лагасе од канадскиот универзитет „Карлтон“.
Позицијата на Канада поттикна двопартиска група од 23 американски сенатори да го преземе исклучително реткиот чекор да испрати писмо до премиерот Џастин Трудо во мај, во кое се вели дека се „загрижени и длабоко разочарани што најновата проекција на Канада покажа дека нема да ја исполни својата обврска за вложување два отсто од БДП во оваа деценија. Р.С.