Нејзиното искуство како државна обвинителка во Калифорнија, американска сенаторка и потпретседателска на Бајден дава индиции за тоа како таа би можела да ја води државата во случај на нејзин избор. Неодамнешните анкети исто така покажаа дека таа има подобри изгледи против поранешниот претседател Доналд Трамп отколку Бајден и другите потенцијални демократски кандидати
Досегашната потпретседателка Камала Харис е фаворит за номинација од демократската партија за претседателски кандидат на САД по повлекувањето на Бајден
Одлуката на претседателот Џо Бајден да се откаже од претседателската кандидатура за реизбор и да ја поддржи потпретседателката Камала Харис значи дека таа наскоро би можела да стане знаменосец за најголемите приоритети на Демократската партија, вклучувајќи ги правата за абортус, климатските промени и олеснувањето на студентскиот долг. Нејзиното искуство како државна обвинителка во Калифорнија, американска сенаторка и потпретседателка на Бајден дава индиции за главните теми што ќе бидат застапени во нејзината кампања. Неодамнешните анкети исто така покажаа дека таа има подобри изгледи против поранешниот претседател Доналд Трамп отколку Бајден и другите потенцијални кандидати на Демократската партија. Харис ја пофали патриотската одлука на Бајден, вети дека ќе ја добие партиската номинација и оти ќе го порази Трамп.
– Почестена сум што ја имам поддршката од претседателот и мојата намера е да ја добијам номинација. Ќе направам сѐ што е во моја моќ да ги обединам Демократската партија и нацијата за да го поразам Доналд Трамп – порача Харис.
Демократите се во трка со времето
Сè поголем број функционери на Демократската партија и донатори застануваат зад Харис, а нејзините поддржувачи веќе неколку дена работат зад кулисите за да обезбедат поддршка од делегатите. На помалку од сто дена до конвенцијата на демократите во Чикаго, договорот за процесот за избор на соодветен кандидат останува неизвесен, но поддржувачите на Харис веруваат дека таа би била логичен избор поради нејзината лојалност и способност да ги мобилизира гласачите, а особено малцинствата.
Демократите веруваат и дека со изборот на Харис би можел да биде избегнат хаос на претстојната партиска конвенција, пренесе „Политико“. Сојузниците на Харис ја опишуваат сегашната ситуација како „непозната територија“, но се уверени дека партијата ќе се движи напред. За донаторите, одлуката на Бајден да излезе од трката и да ја поддржат Харис претставува сеизмичка промена за Демократската партија, која многумина јавно ја прифаќаат. Политичкиот стратег на демократите и советник на неколкумина богати донатори Дмитри Мелхорн јавно упати поддршка до Харис.
– Камала Харис е олицетворение на американскиот сон, ќерка на мигранти. Таа е и олицетворение на цврстина, издигнувајќи се од мојот роден град Оукленд, во Калифорнија, за да стане главна обвинителка на сојузната држава. Откако Бајден се повлече, едвај чекам да помогнам да биде избрана претседателката Харис – истакна Мелхорн.
Доколку демократите, пак, се одлучат за друг кандидат да го замени Бајден, фокусот би можел да се сврти кон потенцијалните демократски кандидати, како што се гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер, и гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро.
Веќе се подготвуваат нови кампањи за дуелот Харис – Трамп
Додека републиканците проектираат слика на единство и заедништво, кај демократите, покрај првичната поддршка за Харис, има и спротивставени мислења и јавно изразување внатрешни партиски конфликти, додека зад кулисите активно се водат дискусии за замената на Бајден во изборната трка. Повеќемина демократи сметаат дека Харис би била најверојатниот избор, но прашањето предизвикува различни реакции, при што некои се противат на идејата за „крунисување“ на Харис, додека други предлагаат серија брзи прелиминарни избори за да се одреди нов кандидат.
Се смета дека нејзината неуспешна кампања за партиска номинација на претседателските избори во 2020 година може да биде проблем, но и покрај предизвиците, Харис би можела да ја добие поддршката од Афроамериканците и националните малцинства.
Харис најверојатно ќе ја искористи секоја можност да ги потсети гласачите на правните проблеми на Трамп. Од друга страна, изборниот штаб на Трамп исто така се подготвува да ја приспособи кампањата по отстапувањето на Бајден, при што републиканците веќе подготвуваат кампања фокусирана на грешките на Харис од времето кога беше јавна обвинителка во Калифорнија, сметајќи ја за фаворитка за добивање на претседателската номинација.
Харис нема да има јавно обраќање сѐ додека американскиот претседател Џо Бајден не ѝ се обрати на нацијата по повлекувањето од претседателската трка, пренесе Си-ен-ен повикувајќи се на сопствени извори. Р.С.