Претседателот на САД, Доналд Трамп, пристигна во Велика Британија за својата втора државна посета, која започна со церемонијален пречек во замокот „Виндзор“. Посетата е обележана со раскошни церемонии, најстроги безбедносни мерки, но и протести.
Кралот Чарлс и претседателот Трамп се возеа во првата кочија. Кралицата Камила и Меланија Трамп во втората, а во третата кочија се возеа принцот и принцезата од Велс, заедно со американскиот амбасадор и неговата сопруга.
Во четвртата и петтата кочија се возеа високи американски функционери, како државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф.
Церемонијата заврши со заеднички ручек во замокот, каде што дискусиите продолжуваат во приватна атмосфера.
Предвидено е американскиот претседател да положи венец на гробот на кралицата Елизабета Втора.
За вечерта е планиран државен банкет во замокот „Виндзор“.
Британската влада објави дека ова е најголемиот воен церемонијален прием на еден државник во поновата историја.
За утре е закажана средба на Трамп со британскиот премиер Кир Стармер.
Посетата е наменета и за политички преговори, во насока дека Велика Британија и САД потпишаа технолошки договор вреден 42 милијарди долари.
Посетата на Трамп на Велика Британија не помина незабележително во тамошната јавност. Проследена е со протести против неговото доаѓање, но и инциденти, кои се случија во околината на замокот „Винздор“.
Токму пред неговото доаѓање, британски активисти развија огромен транспарент со фотографија од него и починатиот сексуален престапник Џефри Епстајн на една од кулите на замокот. Потоа се појавија и проекции од слики од нив двајца и принцот Ендрју.
Ова е втора државна посета на Трамп на Велика Британија. Првата се одржа во 2019 година, за време на неговиот прв претседателски мандат. Тогаш тој и беше гостин на кралицата Елизабета Втора, а сега негов домаќин ќе биде нејзиниот син, кралот Чарлс Трети.